КОНЕЧНО ИЗГЛАСАН ФАМОЗНИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА ВО ОТСУСТВО НА КОЊАНОВСКИ КОЈ ЗАМИНА НА СТУДИСКО ПАТУВАЊЕ ВО САД

КОНЕЧНО ИЗГЛАСАН ФАМОЗНИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА ВО ОТСУСТВО НА КОЊАНОВСКИ КОЈ ЗАМИНА НА СТУДИСКО ПАТУВАЊЕ ВО САДНовиот ребаланс што градоначалникот Тони Коњановски го предложи во август годинава не беше ставен на дневен ред на одлучување во Советот. (Фото: СДК.МК)

По два месеци политички натегања и кавги, денес советниците на Општина Битола едногласно со 27 гласови „за“ го изгласаа ребалансот на буџетот. За време на гласањето во салата не беа советниците на Левица. Всушност беше изгласан ребалансот од 11 јули, со измени кои опфаќаа намалување на средствата предвидени за амандманите преложени од опозицијата со цел да може да се вчита во финансиската рамка предвидена од Министерството за финансии.

Новиот ребаланс што градоначалникот Тони Коњановски го предложи во август годинава не беше ставен на дневен ред на одлучување во Советот. Вчера Коњановски замина на студиско патување во САД.

За советниците од опозицијата неговото заминување во странство во овој важен момент за Општината не е принципиелно.

„Тој момент за мене е трагичен зашто во изминатиот период бев максимално напаѓана дека не свикувам седница, дека градот е од нас блокиран, дека нема кој да ги реши работите. Во понеделникот се усогласивме на работните тела и во рок од еден ден викнав седница. И јас сакам да прашам ако некој толку беше загрижен за градот, кој и како ќе го потпиши овој ребаланс? Дознав од медиумите, оти јас како претседателка на Советот не сум известена дека нема да биде тука градоначалникот, тој се враќа дури на 16 септември, а неговата обврска за да го потпише ребалансот може да биде исполнета и во понеделник“, рече Габриела Илиевска од Поинаку.

„Општина Битола за првпат се наоѓа во ваков вакуум период. Градоначалникот може сам да каже која е итноста и потребата да биде во САД, а не тука. Може да овласти некој од општинската администрација да го направи тоа за него. Но пред сѐ, се работи за принципиелност и обврска кон функцијата“, рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ.

Бојан Бојкоски, советник од ВМРО-ДПМНЕ и заменик градоначалник објасни дека доколку буџетот биде донесен претседателката има рок од три работни дена да ги потпише одлуките, градоначалникот 7 дена, а дотогаш тој ќе се врати назад.

„Имајќи предвид дека сме среда, петок е неработен ден, градоначалникот се враќа на 16 септември нема да има никаков застој во нормалното функционирање на Општината. Секогаш било пракса одлуките да се потпишат без разлика дали градоначалникот е тука присутен или не“, рече Бојкоски.

Градоначалникот на неговиот Фејсбук профил вчера објави дека од 6 до 16 септември, на покана на Амбасадата на САД, заедно со осум колеги ќе присуствува на Меѓународна програма за лидерство на посетители на тема „Ефективно управување со финансиите и ресурсите на локалната самоуправа“. Тој претходно имаше доставено нови измени на ребалансот кои не беа ставени на гласање.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира