Тетовското ѓубре од дивата депонија на влезот од градот од наредната недела ќе се собира во специјални контејнери кои се поставени во новата претоварна станица. Денеска од Јавното комунално претпријатие „Тетово“ ја промовираше оваа претоварна станица, за која досега неколку пати беше најавувано дека ќе започне со работа. Станицата е лоцирана на излезот од Тетово, 4 километри на излезот од градот веднаш до автопатот Тетово – Скопје.
„Ѓубрето кое се собира во градот ќе се истура во инка а потоа ќе се компресира во четирите контејнери, чија вкупна зафатнина е над 100 метри кубни. Така компресирано во контејнерите, губрето потоа ќе се транспортира на депонијата Дрисла во Скопје“, изјави Џелал Цека директорот на ЈКП „Тетово“.
Во градот дневно се собираат од 100 до 150 тони смет. Бидејќи тој не може во целост да се транспортира во депонијата Дрисла, тој се остава на дивата депонија на влезот во Тетово каде веќе има оставено стотици тони смет. Оваа дива депонија подолг период преставува вистинска еколошка бомба, бидејќи е лоцирана само на неколку стотина метри од куќите, а несносливата миризба и чад кои се шират од неа го загрозува животот на луѓето.
Според „Тетово“, оваа претоварна станица ќе почне да проработи за некоку денови, а во меѓувреме тетовските комуналци ќе работат на расчистување и кревање на сметот од дивата депонија. Од „Тетово“, исто така најавија дека за два месеци ќе се објави тендер за изградба на нова современа претоварна станица близу селото Фалише, каде ќе се рециклира тетовскиот отпад.
З. АНДОНОВ