Од 2014 година граѓаните на Скопје веќе не можат да се сретнат со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски на таканаречениот Отворен ден за граѓаните. Оваа институција ја воведе Кабинетот на градоначалникот на почетокот на првиот мандат. Тоа беше можност граѓаните да го сретнат градоначалникот и да поразговараат за проблемите со кои се соочуваат.
Од Градот тврдат дека Отворениот ден за граѓаните не е укинат, туку дека е потребно граѓаните да закажат средба.
„Градоначалникот и понатаму се среќава со граѓаните, а средбите се закажувааат со најава во Граѓанскиот информативен центар на Град Скопје. Имено, секој граѓанин кој има проблем, идеја, сугестија или било каква друга иницијатива, може да закаже средба со градоначалникот со пријавување во Граѓанскиот информативен центар. Пријавувањето се врши непосредно со доаѓање во Центарот или со јавување на телефонскиот број 3297 255, или со испраќање на меил адресата [email protected] . При пријавувањето заинтересираните треба да се претстават, да најават за која тема би разговарале со градоначалникот и телефон за повратен контакт. Овој начин на контакт со граѓаните е многу подобар затоа што овозможува далеку поширока и поквалитетна комуникација со заинтересираните граѓани“, велат од Град Скопје.
Од таму не одговорија на прашањето кога го организирале последниот Отворен ден иако до 2014 година, Градот имаше официјални известувања за датумот на кој ќе се случи Отврениот ден, а откако ќе се случеше, градските служби даваа отчет за тоа колку граѓани биле на разговор кај градоначалникот и за што разговарале.
Од градот велат дека градоначалникот во текот на годината во два наврати, напролет и наесен одржува средби во сите скопски општини, со претставници на граѓаните или со заинтересирани граѓани, заедно со сите релевантни структури од Општините и јавните претпријатија и со нив разговара за проблеми од секојдневото живеење.