КОЗАРСТВОТО ИЗУМИРА ОТИ НЕМА ИНТЕРЕС КАЈ КЛАНИЦИТЕ, А УШТЕ НЕМА НИ СУБВЕНЦИИ, ВЕЛАТ КОЗАРИТЕ ОД ВАЛАНДОВО

    КОЗАРСТВОТО ИЗУМИРА ОТИ НЕМА ИНТЕРЕС КАЈ КЛАНИЦИТЕ, А УШТЕ НЕМА НИ СУБВЕНЦИИ, ВЕЛАТ КОЗАРИТЕ ОД ВАЛАНДОВОЏејхан Асанов вели дека ланските субвенции сѐ уште не ги добил за одгледување по грло и нема намера да го проширува стадото. (Фото: СДК.МК)

    Меѓу Валандово и Дојран кај Ѓопчели, на полјаната од десетина хектари 40-годишниот  Џејхан Асанов од валандовско село Дедели постојано трча по стадото кози. Ги има околу 600 кои се основен извор на приходи за неговото семејството. Постојано беше во трка со козите за да не излезат на регионалниот пат, иако со него имаше и неколку кучиња.

    Секој ден ги носи на паша. Му помагаат одвреме-навреме и негови братучеди од истото село кои имаат по некоја коза во стадото, но вели дека тој е најодговорен за хранењето на целото стадо па не знае дали е обичен ден, викенд или празник.

    „Како не е тешко. Нозе немам. Постојано трчам по нив по десетина часа, бидејќи по природа се потемпераментни козите. За среќа, некогаш ми помагаат двајца мои братучеди. Козите не се толку мирни кога се изнесуваат на паша па мора да се внимава на нив. Постојано сум на оваа релација, бидејќи овде има најмногу трева. Со оглед дека од утро до мрак сум врзан со нив, не знам што ден е, кога е викенд, а кога празник. Но тоа е, од нешто мора да се живее“, вели  Асанов.

    Џејхан Асанов од валандовско Дедели постојано трча по стадото кози. (Фото: СДК.МК)

    Според него, козарството во овој дел на државата постепено изумира. Своевремено, само во Дедели имало десетина семејства се занимавале со одгледување кози и производство на козјо млеко. Но, сега останал само тој со неговите братучеди. Козари нема ниту во соседните села, каде претежно останале стада со овци и по некоја крава.

    „Нѐ имаше повеќе пред некоја година. Сега никој не сака да одгледува кози, бидејќи цената на млекото е 20 денари, а треба да биде најмалку 40. Единствено пари добиваме од продавање на млекото, бидејќи нема интерес ниту за младите јариња од кланиците, па мораме да ги оставаме да пораснат за молзење. Сметам дека државата мора да поведе поголема сметка за козарството во земјава“, вели Асанов кој немаше многу време да разговара, бидејќи стадото со 600 овци веќе се упати на другиот крај од другата полјана.

    Со неговите братучеди дневно молзат по околу половина тон млеко кога нема млади за хранење. Најголемиот дел од парите од продажбата одат за набавка на сточна храна, за ветеринарни прегледи. Џејхан вели дека може да се крпи живот со козарството само ако редовно се исплаќаат субвенции. Вели дека ланските сѐ уште не ги добил за одгледување по грло и нема намера да го проширува стадото.

    „Нема и никој не кажува кога ќе ги добиеме. Ако ги платат подруго ќе биде. Ќе можеме нешто да купиме за по дома, децата сакаат комјутери, лаптопи. Подобро ќе е ако редовно ни ги исплаќаат субвенциите“, вели Асанов.

    Асанов вели дека може да се крпи живот со козарството само ако редовно се исплаќаат субвенции. (Фото: СДК.МК)

    Од Платежната агенција велат дека барањата за исплата на субвенции се обработуваат, а исплатата ќе почне откако ќе се заврши проверката на сите пристигнати барања. Рокот се одложил бидејќи во текот на 2020 на барање на фармерите и земјоделците имало два продолжени рокови за поднесување на барањата, што дополнително влијаело на самиот процес.

    „Субвенциите ќе се исплатат во законскиот рок предвиден согласно Програмата. Како и досега, штом ќе бидат обработени и исплатени средствата за субвенции за обележани грла, Агенцијата ќе ги информира преку соопштение за јавноста’’, велат информираа од Агенцијата.

    Висината на поддршката за обележано грло коза во земјава изнесува 1.200 денари, односно 1.300 денари за земјоделски стопанства од 50 до максимум 150 грла. За предаден литар козјо млеко во регистрирани капацитети добиваат по 4,5 денари. Минатата година, до Платежната агенција за одгледување кози апликации поднеле 2.021 козар од земјава.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира