Велешки полицајци синоќа фатиле крадец на дело, кој при апсењето ги нападнал и им нанесол повреди. МВР објави детали за инцидентот, кој се случил во близина на зградата на Повардарска Епархија.
„На 29 октомври во 22:30 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода А. Д. (20) од Велес кој бил затекнат при вршење на кривичното дело кражба во куќа на улицата Ѓоре Органџиев, а потоа и физички ги нападнал полициските службеници“, соопшти МВР.
Двајцата полицајци кои го уапсиле сторителот побарале лекарска помош во велешка болница. Имале модринки и повреди по лицето од здобиените удари.
„Околу полноќ, двајца полицајци побарале лекарска помош на хируршкото одделение. Дваесетгодишникот има лесни повреди на лицето и шаката, исто како и неговиот 25-годишен колега. Немаат тешки повреди и се пуштени на домашна нега“, кажа д-р Елена Левкова-Ќулумова, портпаролка на велешка болница.
Од полицијата додаваат дека по целосното документирање на случајот, против сторителот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
П. ПЕЧКОВ