Поморот на риби кои претходната седмица беше регистриран во два рибника на Тиквешко Езеро не бил од болести кај рибата, констатира Факултетот за ветерина, а резултатите се испратени до Агенцијата за храна. Но поморот продолжува и веќе опфатил трет рибник.
„Добиени се резултатите од лабораториските испитувања од земените мостри од угинати риби од неколку рибници од Тиквешко Езеро. Испитувањата беа извршени во акредитирани лаборатории на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје и истите не потврдија присуство на заразни болести кај рибите “, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Агенцијата за храна.
Угинувањето на крапот во двата рибника „Златен крап“ и „Дошница“ продолжува и деновиве, со тоа што се јавил и кај трето одгледувалиште.
„Досега, според записниците на надлежните инспекции, имаме угинато околу 31 тон крап, колку што е одложен на означеното место, колегите од ‘Дошница’ имаат 36 тони, се јави помор и кај трет рибник ‘Акватика’. Имавме разговор со директорот на ХЕ Тиквеш, кој вети дека нема повеќе да има испуштање на водата од Езерото, со кое тие стопанисуваат. Дека е така можеме да забележиме денес, дека нивото почнува да расте. Ги чекаме резултатите од биохемиските анализи на Центарот за Јавно здравје Скопје, од каде ќе можеме да дознаеме дали причината е недостаток на кислород во водата, поради опаѓање на нивото, како што посочија повеќе стручни лица кои ги консултирав“, вели Тони Тасев, сопственик на одгледувалиштето „Златен крап“.
Агенцијата за храна ги добила резултатите и од испитувањата на угинатите овци на сточарот Тодор Јованчев од велешкото село Раштани. Резултатите од испитувањата на примероците од угинатите животни исклучиле можноста дека шеесетина овци на овој сточар угинале од заразна болест која се пренесува од животно на животно, ниту пак дека некој од завист ги отрул, како што се сомневаше сопственикот.
„Лабораториски испитувања на земените мостри од овците, направени во акредитирани лаборатории на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, потврдија присуство на бактерија ешерихија коли и клостридијални инфекции кај угинатите животни“, соопштија од Агенцијата за храна.
По утврдување на причинителот на угинувањето, преостанатите овци во трлото биле соодветно третирани од надлежното ветеринарно друштво и тие сега биле безбедни.
П. ПЕЧКОВ