КРАЖБАТА НА СЕМАФОРИТЕ ОД ОБИКОЛНИЦАТА ВО БИТОЛА СЕПАК БИЛА ПРИЈАВЕНА ВО ПОЛИЦИЈА

    КРАЖБАТА НА СЕМАФОРИТЕ ОД ОБИКОЛНИЦАТА ВО БИТОЛА СЕПАК БИЛА ПРИЈАВЕНА ВО ПОЛИЦИЈАСемафорите на обиколницата беа поставени во петокот, а во понеделникот ги немаше. (Фото: СДК.МК)

    Кражбата на семафорите од обиколницата во Битола сепак била пријавена во битолската полиција. Портпаролката на СВР Битола Сања Стаматова телефонски нè извести дека вчера била пријавена кражба на семафори со акумулатори наменети за регулација на сообраќајот.

    Утрово од битолската полиција дадоа сосема спротивна информација на оваа. Стаматова рече дека во СВР не е пријавен случај на кражба на семафори. Семафорите на обиколницата беа поставени во петокот, а во понеделникот беше констатирано дека ги нема.

    Инспекторот за патишта Сашо Здравески вели дека од фирмата изведувач „Илинден“ вчера го известиле дека семафорите кои имале акумулатори за да можат да работат, биле украдени од обиколницата. Тој денес во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека еден семафор чини над 3.000 евра и дека ќе се постават нови најдоцна до четврток или петок. Како подизведувач се јавува фирмата „Стентон“ од Битола.

    Семафорите на обиколницата беа поставени во петокот, а во понеделникот ги немаше. Со нив требаше да се регулира сообраќајот во делот кај свлечиштето во должина од 500 метри и сообраќајот да се одвива само по едната лента од коловозот, додека другата лента, од страната на одронот, беше забранета.

    Обиколницата која е дел од регионалниот пат Прилеп-Охрид, е затворена за сообраќај од јануари минатата година поради одрони од ридот, но и протести на ромското население кое живее во близина со палење на смет на патот.

    Семафорите беа поставени за обиколницата денес и официјално да се стави во употреба зашто започнува реконструкција на патот од влезот на Прилеп за Битола, па возилата за влез во градот ќе треба да минуваат низ регионалниот пат над градот.

    Нефункционалната обиколница стана жешка тема за политички препукувања во последните месеци иако патот во последните четири години беше повеќе затворен, отколку отворен, поради свлечиштата и не се изнајде решение за проблемот. На една од последните седници на Совет беше кажано дека голем дел од ридот над Битола се руши. До пред една година на ридот имаше и каменолом, но неговата работа ја забрани Општинскиот инспекторат поради немање на еколошка дозвола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира