КРИВИЧНА ПРОТИВ ПРИЛЕПСКИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК РИСТЕСКИ ЗА ФАВОРИЗИРАЊЕ ФИРМА ЗА ОДРЖУВАЊЕ УЛИЦИ КОЈА НЕ ПЛАЌАЛА ДАНОЦИ

    КРИВИЧНА ПРОТИВ ПРИЛЕПСКИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК РИСТЕСКИ ЗА ФАВОРИЗИРАЊЕ ФИРМА ЗА ОДРЖУВАЊЕ УЛИЦИ КОЈА НЕ ПЛАЌАЛА ДАНОЦИПријавената фирма спротивно на Законот за јавни набавки не можела да учествува на јавните набавки поради неплатени обврски за даноци. - Марјан Ристески (Фото: Фејсбук)

    Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески за злоупотреба на службената положба. Тој се сомничи дека во својство на одговорно лице, градоначалник на општината, ѝ овозможил на фирмата ДООЕЛ „Пела Транс” од село Мажучиште, прилепско, да се стекне со противправна имотна корист од 77.031.890 денари, пари од буџетот на Општина Прилеп со тоа што создал услови тие да бидат единствен понудувач и избрана фирма за зимски одржување на улици и патишта на територијата на општина Прилеп.

    Полицијата поднесе кривична пријава против сопственикот на фирмата М.С. (59) за злоупотреба на постапка за јавен повик.

    Пријавената фирма спротивно на Законот за јавни набавки не можела да учествува на јавните набавки поради неплатени обврски за даноци и нивно несервисирање по склучени договори за одложено плаќање. Сепак, сопственикот и управител на фирмата поднесувал лажна документација, меѓу другото и уверение за платени даноци и придонеси. Според МВР, тоа го правел во договор со членовите на Комисијата за јавни набавки И. К (63), Љ.М. (58) и И. Ч (67), кои пак, на тие позиции биле назначени од ексградоначалникот Ристески. Тие биле присутни во сите случаи на евалуација и одлучување при секоја постапка за јавна набавка во периодот од 2012 до 2017 година.

    Членовите на Комисијата никогаш не побарале од „Пела Транс“ да достави оригинално уверение за платени даноци и придонеси, нити по службена должност не побарале од УЈП да ја потврди фактичката состојба. Пријавената фирма во тој период била и на листата на должници на УЈП. Во билансот на состојбата од 2011 година бил наведен долг од 7 милиони денари.

    Од МВР соопштија дека членовите на Комисијата овозможиле во тендерската документација да бидат поставени услови кои ја фаворизирале фирмата со тоа што поставиле економски и технички параметри што само таа ги исполнувала.

    Сите фирми со кои „Пела Транс“ соработувала не се појавувале како понудувачи во јавните набавки, а во постапките други фирми воопшто не биле ни поканувани.

    Полицијата го товари и надзорниот инженер Б.Н. за злоупотреба на службената положба зашто не вршел споредба на позициите искажани во одредените ситуации со оние во градежниот дневник.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира