В понеделник фабрикаta за автомобилски делови „Кромберт и Шуберт“ од Битола започнува со работа делумно, во една смена, потврдија од фабриката. Оттаму велат дека за една до две недели ќе биде вклучена и втора смена, со цел до крајот на мај да имаат стопроцентно производство. Но, сето ова зависи, пред сѐ, од проектите што ги имаат со компаниите „Ауди“ и „Мерцедес“.
Оваа компанија е најголем приватен работодавач во Битола. Поради кризата со коронавирусот на неа ѝ беа откажани нарачките од клиентите, па 5.800 вработени беа пуштени на колективен одмор.
Со отпочнувањето на работниот процес, од фабриката велат дека се преземени сите мерки за превентивна заштита на вработените од коронавирусот. Бремените жени и работниците над 60 години ќе останат дома до надминувањето на оваа состојба, исто како и лицата со хронични заболувања.
Со вработените се направени епидемиолошки анкети. И во автобус и на работните места ќе мора да се почитува дистанца, а набавени се и заштитни маски и средства за дезинфекција.
Ж. ЗДРАВКОВСКА