„КУЌАТА НА РОБЕВЦИ“ СЕ РЕСТАВРИРА ЗАРАДИ ПОБЕЗБЕДНО ИЗЛОЖУВАЊЕ НА КУЛТУРНОТО БОГАТСТВО, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ПАТЧЕВ

    „КУЌАТА НА РОБЕВЦИ“ СЕ РЕСТАВРИРА ЗАРАДИ ПОБЕЗБЕДНО ИЗЛОЖУВАЊЕ НА КУЛТУРНОТО БОГАТСТВО, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ПАТЧЕВДиректорот на охридскиот Завод и музеј, Горан Патчев, вели дека се работи за градежни интервенции на фасадите и на покривите, како на самата куќа така и на придружните објекти од споменичниот комплекс. (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид во тек се конзерваторско-реставраторски работи на споменичкиот комплекс „Куќата на Робевци“ за санација и реставрација на еден од најзначајните и најрепрезентативни објекти од старата градска архитектура. Ова е еден од најголемите проекти на Националната установа (НУ) Завод и музеј – Охрид, за кој досега се издвоени три милиони денари (околу 48.500 евра).

    Директорот на охридскиот Завод и музеј, Горан Патчев, појаснува дека станува збор за градежни интервенции на фасадите и на покривите, како на самата куќа така и на придружните објекти од споменичниот комплекс, како што се магазата, депото и лапидариумот.

    „Продолжуваат обемните работи за санација и тековно одржување на објектите од споменичката целина на музејскиот комплекс ‘Робевци‘ Охрид во кој спаѓаат и помошните објекти ‘магаза‘, ‘депо‘ и ‘лапидариум‘, кои после подолг период повторно ќе се стават во функција за подобрување на понудата на посетителите“, вели Патчев.

    Предвидените активности треба целосно да завршат до крај на март годинава. (Фото: СДК.МК)

    Предвидена е и внатрешна реконструкција на подовите, како и вградување нов систем за проветрување и затоплување на „Куќата на Робевци“. Објектот ќе добие и нов систем за обезбедување. Таму се наоѓа и „Златната соба“, поставка во која се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века, како и златната маска.

    „Со тоа, ќе обезбедиме идеални услови за самите експонати во објектот, меѓутоа и подобри услови и за вработените и посетителите. Покрај другите работи ќе се обезбеди нов видеонадзор, посовремен и нов алармен систем, особено на Златната соба која ни е од големо значење за градот и државата“, вели Патчев.

    Обемни интервенции за ревитализација на целиот музејски комплекс „Робевци“ Охрид почнаа минатата година, при што се спроведуваа санациски мерки на подот, тековно одржување на кровот со промена на кровниот покривач и надворешната столарија на „магазата“ и санација и тековно одржување на јужната фасада и надворешната столарија од „Куќата на Робевци“.

    Предвидените активности треба целосно да завршат до крај на март годинава. Според обемот на работи кои делумно се отпочнати и завршени во 2024 и планираните работи годинава, инвестицијата заедно со средства од Министерството за култура и туризам и сопствени средства би чинела околи десет милиони денари (околу 162.000 евра), велат од охридскиот Завод и Музеј.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира