КУМАНОВО НЕМА ДОВОЛНО ГИНЕКОЛОЗИ И НИТУ ЕДЕН МАМОГРАФ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

    КУМАНОВО НЕМА ДОВОЛНО ГИНЕКОЛОЗИ И НИТУ ЕДЕН МАМОГРАФ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВОВо Општата Болница Куманово мамографот кој беше стар 34 години се расипа во октомври 2017, веќе година и пол Министерството за здравство и министерот најавуваат дека ќе се набави нов дигитален мамомат, ама безуспешно. Поради тоа, пациентките од целиот регион кој брои 200.000 жители, кои сакаат да извршат преглед или имаат заболување на дојка мора да бараат чаре во Скопје или да плаќаат приватно (Фото: СДК.МК)

    Во Куманово нема доволно гинеколози и ниту еден мамограф во јавното здравство, па жените се принудени да чекаат со недели или да патуваат во други градови за да направат преглед, покажало истражување под наслов „Најчесто користени здравствени услуги кај Ромките во репродуктивен период на примарно ниво на здравствена заштита во Македонија“, кое го спроведе невладината организација Национален ромски центар (НРЦ) во Куманово.

    „Во Куманово се соочуваме со недостаток на гинеколози, се чека со недели да се добие термин кај матичен гинеколог. Куманово нема ни мамограф. За ваков преглед жените се принудени да патуваат во Скопје и да чекаат со месеци“, изјави Сабихана Скендеровска од НРЦ.

    Во Македонија и натаму се соочуваме со големи разлики во пристапот до здравствената заштита и здравствените услуги, вели Сабихана Скендеровска од Национален ромски центар во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Таа додава дека и покрај глобалните заложби сите луѓе да имаат пристап до здравствените услуги што им се потребни, во нашата држава и натаму се соочуваме со големи разлики во пристапот до здравствената заштита и здравствените услуги, особено кај луѓето кои живеат во сиромаштија.

    „Над 20 отсто од младото работоспособно население во нашата држава, на возраст од 15 до 24 години, се невработени. Најчестата бариера кај невработените жени е финансиската неможност да се плати партиципацијата, но и да се купи потребната терапија. Во аптеките уште во првите денови од месецот нема лекови кои можат да се земат на трошок на Фондот. Луѓе со хронични заболувања се принудени да купуваат терапија на сопствен трошок. Се соочуваме со постојани измени на закони и регулативи, кои не се познати на населението, податок кој го покажа и истражувањето“, додава Скендеровска.

    Во Општата болница во Куманово мамографот кој беше стар 34 години се расипа во октомври 2017. Веќе година и пол Министерството за здравство најавува дека ќе набави нов, ама безуспешно.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира