КУМАНОВСКИТЕ ЗАНАЕТЧИИ ДОБИЈА ПО 15.000 ДЕНАРИ ОД ОПШТИНАТА ЗАШТО ЈА ЧУВААТ ТРАДИЦИЈАТА

    КУМАНОВСКИТЕ ЗАНАЕТЧИИ ДОБИЈА ПО 15.000 ДЕНАРИ ОД ОПШТИНАТА ЗАШТО ЈА ЧУВААТ ТРАДИЦИЈАТАВо Куманово се одржува Саем на мало стопанство и стари занаети (Фото: СДК.МК)

    Еднократна помош од 15.000 денари добија десетмина занаетчии како поддршка што ја негуваат традицијата и ги чуваат од изумирање старите занаети во Куманово. Помошта ја обезбедува Општина Куманово, а опфатени се сите регистрирани занаетчии во градот, меѓу кои се и кожари, крзнари, грнчари, чевлари и бакарорезци.

    Претседателот на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији, вели дека ова е пример како се поддржува традицијата во еден град.

    Вторпат во Куманово се даваат субвенции за старите занаети и многу сум среќен што нашиот град дава поттик и во други градови. Со ова даваме пример како треба да се одржуваат и негуваат културата, традицијата и старите занаети“, посочи Фазлији.

    Во Куманово паралелно се одржува Саем на мало стопанство и стари занаети.

    Со претседателот на комората заклучивме дека од следната година треба да размислуваме и за финансиска поддршка за занаетчиските старт апи, како иницијатива за младите од средните училишта, по примерот на средно техничко и средно економско училиште, кои се претставени на овој саем со прекрасни ракотворби. Занаетчиството значи традиција, ние сме должни да ја негуваме традицијата“, изјави градоначалникоит Максим Димитриевски.

    Занаетчиите сметаат дека секоја поддршка е добредојдена, но за да се сочуваат занаети, треба да се вложува многу повеќе.

    Јас се занимавам со оваа работа 38 години. Нашите занаети се во изумирање, јас сум единствениот бакарорезец во Куманово. Младите не сакаат макотрпна работа, тие секогаш го бираат полесниот начин. За да се направи едно дело се работи и по два и пол месеци“, вели Мирослав Поповски-Вински.

    И оваа година, занаетчиите повторија дека на градот му фали сувенирница, а надлежните ветија дека ќе се отвори кога ќе се ослободи простор во Занаетчискиот дом во Куманово.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира