ЛАНИ ВО ВЕЛЕС ИСПЛАТЕНИ РЕКОРДНИ 75 ИЛЈАДИ ЕВРА ПОРАДИ КАСНУВАЊЕ ОД БЕЗДОМНИ КУЧИЊА, НЕКОГО КУЧИЊА ГО КАСНУВААТ СЕКОЈА ГОДИНА, ЖРТВИ СЕ И ЦЕЛИ СЕМЕЈСТВА

    ЛАНИ ВО ВЕЛЕС ИСПЛАТЕНИ РЕКОРДНИ 75 ИЛЈАДИ ЕВРА ПОРАДИ КАСНУВАЊЕ ОД БЕЗДОМНИ КУЧИЊА, НЕКОГО КУЧИЊА ГО КАСНУВААТ СЕКОЈА ГОДИНА, ЖРТВИ СЕ И ЦЕЛИ СЕМЕЈСТВАКако можен излез од состојбата градоначалникот Колев најави дека во соседна општина ќе се гради стационар за бездомни кучиња. - Бездомни кучиња на улица во Велес (Фото: СДК.МК)

    Од Буџетот на Општина Велес во 2021 година по основ на обесштетување за каснување на граѓани од бездомните кучиња исплатени се вкупно 4.678.110 денари. Тоа е рекордна, највисока сума исплатена за оваа намена. Колку за споредба, во 2020 година биле исплатени 2,67 милиони, а во 2019 година 2,27 милиони денари. Во 2021 година било постапено по 67 барање за оштета по каснување од кучиња, за две помалку од 2020 година, а во 2019 година по 58 барања.

    „Некои наши сограѓани обесштетувањето од каснати кучиња го третираат како надомест од социјален карактер, за што добиваат 3-4 илјади, додека од обесштетувањето помеѓу 50 до 100 илјади денари. Башка со толку средства што се одлеваат за оваа намена, не може да се уредат улици, водовод, канализација, бидејќи средствата се трошат за непродуктивни цели. Некои наши сограѓани сериозно го злоупотребуваат буџетот на Општина Велес“, кажа Марко Колев градоначалник на Велес.

    Ако се споредат имињата на граѓани кои биле каснати од кучиња може да се види дека едно исто лице неколку години назад е каснато или во јануари или во февруари. Има и имиња на членови од цели фамилии кои се повторуваат годишно како жртви.
    Ваквите сомнежи ги потврдуваат и од велешката полиција.

    „Се сомневаме дека некои случаи на каснување се фингирани, но тоа треба да се докаже. Невозможна е ваква бројка на каснати. Работиме тоа да го докажеме. Но проблем е ако докторот даде документ, со тоа целата работа е завршена“ , вели Александар Костев, командир на Полициска станица Велес.

    Како можен излез од состојбата градоначалникот Колев најави дека во соседна општина ќе се гради стационар за бездомни кучиња. Со стационар каде се згрижуваат бездомните кучиња располага здружението „Гласот на животните“ и таму се згрижени повеќе од 150 кучиња скитници од Велес. Овој стационар, во сопственост на невладина организација, функционира на основа на донации од поединци и фирми и таму волонтираат членовите на здружението.

    Во 2021 година од улиците на градот Велес, Виктор Мазнев преку неговото здружение „Викторс арк“ има вдомено 120 кучиња во Англија, Франција и Холандија.

    Минатата година по пат на спогодба поради каснување од бездомно куче, од Буџетот на Општина Велес, исплатени се вкупно 1,78 милион денари, по пат на судско порамнување 1,21 милион денари и по пат на тужба 1,69 милион денари. Оваа година за заловување и стручен третман на бездомни кучиња, потпишан е договор со „Пансион Гиовски тим“ кој треба да врши стерилизација, кастрирање и вакцинација. Вредноста на договорот е 1,2 милиони денари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира