Пет години нема никакви градежни работи на зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“во Скопје. Зградите стојат во фаза на карабина и почнуваат да се уништуваат. При посилен ветер или невреме летаат парчиња од крововите на зградите и даски. Минувањето во овој дел е небезбедно.
Изградбата на двете згради почна пред 8 години кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Според проектот, требаше да бидат со барокна фасада и во нив да се преселат студентите на овие два факултети. Но, по доаѓањето на власт на СДСМ, фирмата изведувач „Бетон Штип“ отиде во стечај и зградите останаа да стојат недоградени во фаза на карабина.
Во овој мандат на владата на СДСМ и ДУИ нема ниту да се почне постапапката за доградба на зградите, а камоли да се завршат. Министерството за образование нема намера да ги доврши зградите на факултетите оти уште врши ревизија на проектите.
Од Министерството за образование на нашето прашање дали знаат дека објектите почнуваат да се распаѓаат, не се безбедни и кога планираат да ги довршат, ни го испратија целосно истиот одговор како и во февруари годинава.
„Во тек е ревидирање на проектите за изградба на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, а целта е да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, а не се поврзани со функционалноста, заради намалување на непотребните трошоци за изградба. Откако ќе заврши ревидирањето, ќе се спроведе и постапка за јавна набавка, со цел избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата. Во моментов нема активности на терен“, велат од Министерството.
Според тендерот и договорот кој беше склучен со „Бетон Штип“, изградбата на зградата на ФИНКИ чини 10 милиони евра, а на Факултет за физичка култура 5,9 милиони евра.
А. АНТЕВСКА