Општина Тетово дозволи во училишните дворови на 4 училишта да се овозможи бесплатно паркирање во текот на летото. Ова е направено за да се намали сообраќајниот метеж и да се создадат дополнителни паркинг места во периодот кога во градот доаѓаат голем број иселеници.
„Општина Тетово ги известува граѓаните дека дворовите на основните училишта ‘Истикбал’, ‘Лирија’ и двата објекта од гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ’ ќе бидат отворени за парирање возила. Паркирањето ќе биде бесплатно“, соопшти Општина Тетово.
Според податоците од СВР Тетово, во Тетово има регистрирано 44.592 моторни возила, но во летните месеци кога доаѓаат голем број иселеници, а доаѓаат најчесто со сопствени возила, тогаш бројот нараснува за неколку илјади. Тоа создава дополнителен сообраќаен метеж по улиците, а во тој период да се најде слободно паркинг место е навистина тешко.
Во Тетово во овој момент има само 720 паркинг места, а со отворањето училишните дворови ќе се добијат дополнителни 150 до 200.
З. АНДОНОВ