ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ ЗАЕДНО СО БИТОЛСКИ УЧЕНИЦИ РЕЦИТИРАА ПЕСНИ ОД РАЦИН, КОНЕСКИ, МИЛАДИНОВ И ШОПОВ

    ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ ЗАЕДНО СО БИТОЛСКИ УЧЕНИЦИ РЕЦИТИРАА ПЕСНИ ОД РАЦИН, КОНЕСКИ, МИЛАДИНОВ И ШОПОВВо рециталот се вклучија ученици од повеќе битолски училишта (Фото: СДК.МК)

    Инклузивен поетски рецитал беше изведен од членовите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола во соработка со дечиња од училиштата во градот. Тие заедно пееја песни и ги рецитираа „Тутуноберачите“ од Кочо Рацин, „Везилка“ од Блаже Конески, „Очи“ од Ацо Шопов и други. На ваков начин го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со попреченост

    „Еден од шест луѓе во светот денес живее со попреченост. Иако е така, луѓето со попреченост и денес, во 21. век остануваат недоволно застапени и има присуство на стигма и дискриминација. Преку овој рецитал сакавме да дадеме придонес тоа да запре. Ова е рецитал со социјална тематика која се поистоветува со тешкиот дискриминаторски живот на нашиот народ, но и со животот на лицата со попреченост, со она што се соочуваат секојдневно“, рече Јуле Трајчевска, една од основачите на Центарот за поддршка и иницијатор на настанот.

    Во рециталот се вклучија ученици од повеќе битолски училишта, меѓу кои и „Тодор Ангелевски“, со кое „Порака“ со години организира креативни настани во кои лицата со попреченост можат да ги покажат своите способности.

    „Ние денес се гордееме на нашата соработка, на нашите дух, храброст, уникатност. Ние сме доказ дека различностите го збогатуваат светот. Секоја препрека е мала ако ние луѓето сме големи. Генерацијата на ученици што ја водам веќе петта година има соработка со ‘Порака’ и децата штитеници ги чувствуваат како свои роднини, братчиња, сестрички“, рече наставничката Весна Гагаловска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира