ЛИЦАТА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ БАРААТ ПРИСТАПНИ ПЛАЖИ НА ЕЗЕРАТА ЗА ДА НЕ МОРА ДА ОДАТ ВО СТРАНСТВО ДА СЕ КАПАТ

    ЛИЦАТА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ БАРААТ ПРИСТАПНИ ПЛАЖИ НА ЕЗЕРАТА ЗА ДА НЕ МОРА ДА ОДАТ ВО СТРАНСТВО ДА СЕ КАПАТПристапна рампа на градската плажа на грчкиот остров Родос (Фото: СДК.МК)

    Лицата со телесен инвалидитет не можат да ги користат плажите на домашните езера оти тие им се непристапни, па на одмор патуваат во соседството. Со години бараат да се изгради плажа за инвалиди, но засега, како што велат, надлежните немаат слух за нивните потреби.

    Од здружението „Мобилност“ велат дека последниот одговор кој го добиле бил дека Охридското езеро е под заштита на УНЕСКО и не смее да се бетонира брегот, но додаваат дека постојат и алтернативни решенија по теркот на развиените земји каде успешно функционираат капалиштата за телесни инвалиди.

    „Зошто да одиме на други места, кога би можеле во Македонија да ги користиме тие услови. Македонија на ниедно езеро нема услови, особено на Охридското Езеро на најубавото наше езеро треба да имаме една пристапна рампа што ќе може да ја користиме, барем да можеме да влеземе и да се искапиме во езерото“, вели Гоце Миновски, претседател на „Мобилност“ – Скопје.

    Години наназад се изготвуваат проекти се одредуваат локации на брегот на Охридското Езеро, но адаптирана плажа сè уште нема.

    „Повеќето од нас се здрави во горните екстремитети, кога би имало таква хидраулична рампа каде што би можел да влезе во езерото тој понатаму би можел да плива. И ние би сакале да се капиме, и ние сакаме да се сончаме, ние сакаме да пливаме и ние сакаме да го правиме она што го прават сите луѓе“, вели Христина Просковска од „Мобилност“ – Скопје.

    Плажите според стандардите треба да бидат со специјални гелендери за инвалидизираното лице да може да се држи при влегување во вода. Треба да има и други помагала меѓу кои задолжително санитарен чвор за инвалиди, соблекувални и лежалки покриени со платно. Добрите познавачи велат не е голема инвестиција, а ќе ја збогати туристичката понуда на Охрид.

    „Не само поради нас охридските инвалиди таа плажа ќе биде погодна и за сите инвалиди кои доаѓаат на одмор оти ние тука имаме тринаесет апартмани каде околу 500 инвалиди во просек секое лето летуваат во Охрид значи сменски по десет дена во текот на сезоната“, додаваат лицата со инвалидитет од Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира