Од локалната самоуправа во Охрид не одговараат што ќе се случи со хотелот кај Лагадин, иако има најава дека општинската градежна инспекција го поништила решението за изградба на хотелот и за тоа го известила Државниот градежен инспекторат.
Досега се изградени четири ката од хотелот и тука се застана. Пред три недели, фирмата-изведувач ги повлече работниците од градилиштето и сега таму градежните активности се сопрени.
Низ Охрид веќе се слушаат две верзии околу натамошната судбина на овој хотел. Првата дека објектот ќе се урива поради драстично непочитување на одредбите кои треба да ги содржи едно решение за градба, посебно што Охрид и езерото се наоѓаат на листата на УНЕСКО. Втората е дека инвеститорот ќе се жалел на одлуката да се поништи решението.
„Во овој момент нема ништо ново да се каже за судбината на овој хотел. Јавноста е запознаена со барањето на Државниот градежен инспекторат. Општинската инспекција постапи по него и сега се запрени градежните активности на хотелот“, велат општинските власти, без да дадат дополнителни одговори за тоа што ќе биде натаму со хотелот.
Решението за градба на хотелот кај Лагадин е поништено по силните реакции во јавноста, најмногу поради фактот што еден ваков објект се гради речиси на самиот брег од езерото на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото.
На 9 март, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам побара од Општина Охрид да го поништи издаденото одобрение за градење. Барањето доаѓа по заеднички инспекциски надзор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за животна средина и Управата за заштита на културно наследство направен во Секторот за урбанизам во Општина Охрид и на градилиштетото за хотелот во Лагадин во јануари годинава.
Д. ЧУБРИЌ