Улицата Лондонска во скопско Тафталиџе се прекопува поради изградба на нова зграда. Треба да се поместат топловодите и сите останати инсталации поставени на местото каде што треба да никне зградата. За да се направи преместувањето на инсталациите блокирана со тараби е и половина улица. Соседите се револтирани што општината тоа го дозволила без претходно да ги извести за градежните зафати, а не се согласни ниту со решението на улицата да се изгради нова зграда со повеќе од 180 станови.
„Ни ја изораа улицата без ниту едно соопштение, известување. Ќе се гради нова зграда со преку 180 станови, значи уште најмалку 180 коли ќе имаме во комшилук, а и сега нема каде да паркираме“, се пожалија жители на Тафталиџе.
Од Општината велат дека се работи за реализација на Детален урбанистички план.
„Топловодите на улица ’Лондонска’ се поместуваат поради реализација на урбанистичкиот план, односно изградба на нови станбени објекти. Сите инфраструктурни објекти кои се во рамките на градежната парцела, се изместуваат. Градежниците имаа рок од десет дена да завршат со преместувањето“, велат од Општина Карпош.
Жителите на Лондонска револтот од изградбата на нова зграда и преместувањето на инсталациите го покажаа само со реакции во медиумите. За разлика од нив, жителите на улицата Букурешка која е во близина, организираа низа активности за да покажат дека не сакаат зграда во паркот, а не дозволија ниту да се постават тараби за да се направи градилиште за предвидената зграда.