Мајсторот на герила акциите во Битола, советникот Иван Чулакоски од независната граѓанска иницијатива Поинаку, викендов преживеа срцев удар. По добиената потребна здравствена помош и третман на Клиничката болница во Битола, се чувствува добро. Веста ја сподели самиот на социјалните мрежи, пишувајќи: „Преживувањето не е случајност – тоа е доказ дека моето срце избра да продолжи“.
Чулакоски, по два мандата поминати во Советот, и на претстојните локални избори е на третото место од кандидатската листа на Поинаку за советници, предводена од музичарот Миле Трајковски.
Од Поинаку за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека Чулакоски сега се чувствува добро и останува и понатаму на советничката листа.
„Не сум слаб зашто паднав, туку силен зашто се кренав. Отсега па натаму, секоја секунда е моја шанса за подобар јас“, напиша Чулакоски.
Тој јавно се заблагодари на тимот од битолската болница, а посебно на директорката Ненси Лозанче, докторка по интерна медицина и субспецијалист кардиолог, за, како што напиша, професионалноста и несебичноста со кои го вратија во живот.
Јавноста го памети Чулакоски по повеќе герила акции, меѓу кои и онаа кога за време на Шарената револуција, ексградоначалникот Владимир Талески го посипаа со пари „владимирки“.
Во изминатиот советнички мандат тој се бореше за донесување на потребната документација за изградба на гондола на Пелистер. Се спушти пет пати со сноуборд од врвот Пелистер по снег и ниски температури, барајќи од администрацијата да ја забрза постапката и државата да го даде Детското одморалиште, кое се распаѓа, во надлежност на Општина Битола.
Беше голем поборник за хигиената во градот. Редовно на Советот критикуваше дека камионите со кои се собира комуналниот смет протекуваат, а потоа улиците смрдат. Проектираше и изработи метално корито за камионот да не течи, но претпријатието не го користеше. На само неколку дена пред ударот, тој се качи на Пелистер и преку снимка од планинарскиот дом Копанки, кој го нарече „Манки од Али Експрес“, обвини дека реконструкцијата се одвива бавно.
Ж. ЗДРАВКОВСКА