Вицепремиерот Кочо Анѓушев место на осветување на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, каде што беше поканет со премиерот Зоран Заев, денеска беше во посета на фабриката „Брако“. Анѓушев, кој доби два ордени од МПЦ и Повардарската Епархија оти со 240 илјади евра го финансираше фрескоживописувањето на црквата, вели дека не сака да се слика по медиуми кога во оди во црква и ѝ замери на црквата што од осветувањето направи политички маркетинг. На осветувањето присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со сопругата Боркица.
„Јас верувам во секуларноста на државата, одвоеноста на црквата од неа. Кога донирав, не претпоставував дека ќе бидам дел од Владата, што сега се случи. Јас го дадов затоа што верувам во Бога и така чувствувам. Не сакам да се сликам по медиуми, а во црква а ќе одам кога ќе почувствувам и кога јас сакам. Затоа ѝ замерувам на црквата што од осветувањето направи политички настан, маркетинг“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Кочо Анѓушев.
На осветувањето присуствуваа Архиепископот г. г. Стефан и владиците Петар и Тимотеј. Црквата „Св. Кирил и Методиј“ се градеше 11 години. Дело е на архитектот Тодор Паскали. Се наоѓа во центарот на градот, во Младинскиот парк.
Анѓушев денеска имаше и прес-конференција, на која што даде отчет за 100-те дена од работењето на Владата, ги презентираше ветените и реализираните обврски, како и проектите кои се во тек.
Како особено важен, вицепремиерот Анѓушев го истакна донесувањето на новиот закон за енергетика на којшто веќе активно се работи, уверувајќи дека новиот закон нема да доведе до поскапување на струјата.
„Тие закони ни одалеку не предвидуваат зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните. Тие закони предвидуваат намалено бесполезно трошење и намалување на регулираните дејности“, рече Анѓушев.