МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ГО ИСКОРИСТИ СИЛНОТО ПАРТНЕРСТВО СО ГРЦИЈА ДА СИ ОБЕЗБЕДИ ЕНЕРГЕТСКА БЕЗБЕДНОСТ, РЕЧЕ ПАЛМЕР НА БИЗНИС ФОРУМОТ ВО ОХРИД

    МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ГО ИСКОРИСТИ СИЛНОТО ПАРТНЕРСТВО СО ГРЦИЈА ДА СИ ОБЕЗБЕДИ ЕНЕРГЕТСКА БЕЗБЕДНОСТ, РЕЧЕ ПАЛМЕР НА БИЗНИС ФОРУМОТ ВО ОХРИДМетју Палмер на економската бизнис сесија заедно со Фатмир Битиќи и Фатмир Бесими. (Фото: Влада)

    Заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер кажа дека македонската влада го искористи своето силно партнерство со Грција за да обезбеди сопствена енергетска безбедност и сега сме на прагот да направиме многу повеќе отколку досега, на економската бизнис сесија „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?” која се одржа во рамките на меѓународната конференција Преспа форумот за дијалог која е под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Министерството за надворешни работи.

    „Владата на Северна Македонија е фокусирана на спроведување на потребните политички и економските реформи дома, за привлекување квалитетни инвестиции и за активна и продуктивна улога на регионалните и економски иницијативи. Владата го искористи своето силно партнерство со Грција за да обезбеди сопствена енергетска безбедност и сега сме на прагот да направиме многу повеќе отколку досега“, рече Палмер денеска во Охрид.

    Тој изрази разочарување за неотпочнувањето на преговорите на Македонија и Албанија во време на португалското претседателство со ЕУ.

    „Разочарани сме што прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија не беше решено и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери. Тоа влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион “, рече Палмер.

    Палмер додаде дека Договорот од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, се од голема важност за поголем регионален ангажман на Република Северна Македонија во корист на нејзините граѓаните.

    Зборувајќи за улогата на САД во регионот, рече дека долгогодишна визија на САД во регионот била и ќе остане фокусирана на регион во мир со себе и со соседите, регионот кој што е стабилен, просперитетен и интегриран во евроатлантската рамка.

    „Сепак, и покрај нашата заедничка визија колку што можат да бидат важни нашите индивидуални улоги, треба да се предизвикаме себеси да го направиме Западен Балкан многу повеќе како двигател, отколку како предмет на трансатлантска соработка, како таму да имаме подобра поврзаност со оглед на познатите блокади на патиштата, рече Палмер и додаде дека лидерите во регионот мора да ја преземат цврстата способност за нивната европска иднина и оти САД веруваат дека напорите за регионот кон воспоставување на заеднички регионален пазар се нормални чекори на патот кон членството во ЕУ.

    На Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” која се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево учествуваат над 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира