Во градот Брекенриџ, седиште на Округот Самит во американската сојузната држава Колорадо, деновиве пред зградата на локалната власт се вее македонското знаме. Поставено е во чест на Виктор Синадиноски, Американец со македонско потекло, кој од 29 декември 2025 официјално ја презеде функцијата заменик-градоначалник на Округот Самит.
Синадиноски, кој е роден во 1986 во сојузната држава Мичиген, е син на Душан Синадиноски, истакнат активист во македонската заедница во САД и автор на бројни научни трудови и книги поврзани со македонската историја и посебно за Полошкиот крај.
Брекенриџ е мало, но исклучително познато туристичко гратче во САД, кое важи за едно од најатрактивните и најскапите туристички дестинации во земјата, особено препознатливо по зимскиот и летниот туризам.
Ова не е прва висока јавна функција за Синадиноски. Претходно тој беше градоначалник на градот Харбор Спрингс во Мичиген, каде што спроведуваше програми за унапредување на локалната самоуправа. По неговото заминување од таа функција, во ноември аплицирал на јавниот конкурс за заменик-градоначалник во Округот Самит, а неговата апликација била прифатена.
„Во чест на ова именување, во Брекенриџ беше истакнато македонското знаме, што за мене претставува голема чест. Поради новата должност, со сопругата и двете деца се преселивме во Колорадо“, вели Синадиноски.
Округот Самит има околу 30.000 жители и се вбројува меѓу најбогатите општини во Колорадо. Има и една многу мала заедница на лица кои се доселиле од просторите на Македонија уште пред Првата светска војна. Брекенриџ брои околу 5.000 жители и е еден од најпознатите скијачки центри во САД, каде што недвижностите достигнуваат цени од над еден милион долари.
Синадиноски е доктор по правни науки, со завршени студии на Универзитетот во Мичиген и магистратура на Универзитетот во Вермонт. Тој е и автор на повеќе книги посветени на македонската имиграција во Америка, дел од кои се наоѓаат во Библиотеката на Универзитетот Оксфорд и во Конгресната библиотека во Вашингтон.
Покрај академската и политичката кариера, Синадиноски е и композитор на модерна класична музика за пијано, во кои често се вклучени мотиви од македонската народна музика.
„Музиката е мојата втора љубов, а посебно ја сакам македонската народна песна. Досега имам компонирано над 400 композиции во кои често пати користам македонските народни напеви пренесени во современи музички правци. Не е случајна љубовта кон македонската музика, таа ме враќа на моите корени, на мојата Македонија на која и преку пишаниот збор и преку музиката постојано ѝ се навраќам“, вели Синадиноски.
З. АНДОНОВ



