Матурантите од гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Георги Димитров“ вчера, во резиденцијата на германската амбасадорка Петра Дрекслер, ги добија дипломите за положен испит по германски јазик. Тие четири години учеа во специјалните германски паралелки кои ги има во овие две училишта и на завршување на средното образование полагаа испит ДСД 2 за познавање на германски јазик. Со оваа диплома тие ќе можат да се запишат на студии во Германија како доказ за познавање на германскиот јазик.
Дипломите на 37-те ученици кои го положија испитот им ги врачи амбасадорката Дрекслер.
„Овој испит не е воопшто лесен и ви честитам на сите кои успеавте да го положите. Со оваа диплома сега можете да аплицирате на кој било универзитет во Германија како и германските ученици“, кажа амбасадорката на приемот организиран за учениците, нивните родители и наставниците по германски јазик во двете скопски гимназии.

Диона Јосифовска од гимназијата „Георги Димитров“ вели дека оваа паралелка е одлична можност за учениците кои сакаат да го доусовршат германскиот јазик. (Фото: СДК.МК)
Меѓу учениците кои го положи испитот е Диона Јосифовска од гимназијата „Георги Димитров“. Таа вели дека оваа паралелка е одлична можност за учениците кои сакаат да го доусовршат германскиот јазик.
„Ние учевме шест часа неделно германски јазик. Се учи потежок материјал за разлика од обичните паралелки. Имавме можност да полагаме два пати и тоа испит за ниво ДСД 1 и ДСД 2. Ние матурантите го полагавме ДСД 2. Мојата мотивација да учам германски јазик е мајка ми и среќна сум што стигнав до тука. Одлучив да не ја продолжам едукацијата на германски бидејќи сепак е прилично тешко. Ќе го оставам тоа за малку понатаму, кога ќе бидам позрела. Сега ќе студирам медицина во Скопје, а би сакала да одам на специјализација во Германија“, вели Диона.
Германски паралелки во гимназиите има веќе 20 години. Тие функционираат во училиштата со помош на Амбасадата на Германија во земјава.
А. АНТЕВСКА