На матурантката од Охрид Тијана Силјаноска која денеска не полагаше државна матура оти нејзиното име не беше на списокот меѓу матурантите од охридската гимназија „Свети Климент Охридски“, ќе ѝ биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија. Мајчин јазик и литература што требаше да полага денеска, како и другиот екстерен предмет закажан за јуни, ќе ги полага во августовската испитна сесија.
Ова е одлуката на менаџментот на охридската гимназија по административниот пропуст поради кој Силјаноска беше вратена дома без право да полага.
„Во врска со денешните случувања околу полагањето државна матура, како институција засегната во случајот со нашата ученичка сакаме да ја информираме јавноста дека искрено жалиме што се случува ваков несакан проблем и наша заложба е да помогнеме и да излеземе во интерес на матурантката и родителите. Сакаме да потенцираме дека списоците за верификација на податоците за државна матура беа доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до Државниот испитен центар. И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции“, се наведува во соопштението од ОСУ „Св. Климент Охридски“.
Боби Силјаноски, татко на ученичката, претходно во изјава побара одговорност од надлежните кои според него ѝ го скратиле правото за упис на факултет.
„Ќерка ми сакаше да студира во Љубљана, сега тоа право ѝ е спречено од толку агилната администрација и директорката во гимназијата. Нека сноси некој одговорност, нека се види кој е виновен“, побара Силјаноски.
Од Бирото за развој на образование, подрачно одделение Охрид, признаваат дека е направен пропуст не по вина на ученичката. Подрачното одделение смета дека Тијана е обесправена.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека ќе го испита случајот.
С. ВРЕНЦОВСКА