САКАМ ДА ИМ ЈА ВРАТАМ МОЌТА НА ГРАЃАНИТЕ, ОПШТИНАТА Е НИВНА, А НЕ НА ПРОФИТОТ, КАЖА БИЛЈАНА ИВАНОВСКА, КАНДИДАТКАТА НА „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР

    САКАМ ДА ИМ ЈА ВРАТАМ МОЌТА НА ГРАЃАНИТЕ, ОПШТИНАТА Е НИВНА, А НЕ НА ПРОФИТОТ, КАЖА БИЛЈАНА ИВАНОВСКА, КАНДИДАТКАТА НА „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ОПШТИНА ЦЕНТАРИвановска кажа дека нивната цел е да постават нови, здрави основи во општината, со вредности кои ќе бидат од корист на граѓаните (Фото: К. Попов)

    Мојата кампања ќе се базира и фокусира на барање решенија, а не на обвинувања и лични навреди, зашто моите заложби секогаш биле граѓаните пред партиите, кажа Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, која денеска и официјално беше претставена како кандидатка на „Независни заедно“ за градоначалничка на Општина Центар на претстојните локални избори. Од оваа платформа рекоа дека Ивановска е поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.

    „Одлучив да се кандидарам за градоначалничка на општината во која што живеам, во која што ги делам истите проблеми со моите сограѓани и во која што го дишеме истиот воздух, кој не е загаден само со ПМ честички, туку и со многу лоши политики и корупција. Правда, интегритет и одговорност се вредности кои ме водат цел живот и сметам дека тука можат да се преточат во креативни политики кои ќе обезбедат подобра и поздрава општина“, кажа Ивановска.

    Таа нагласи дека нејзината кампања ќе се базира на три столба.

    „Првиот столб е одговорност, отчетност и транспарентност, вториот е инклузивност, зашто секој граѓанин е важен и третиот столб е заедништво и солидарност. Мојата визија е Општина Центар да биде на граѓаните, а не на профитот. Досегашната состојба е резултат на многу корумпирани и лукративни политики кои го занемарија интересот на граѓаните. Мене не ме водат апетити за профит, јас ги вложувам моите интегритет и капацитет за да понудам решенија кои можат да бидат добри за живеење и да го вратат достоинствениот живот. Не барам моќ и функција, туку сакам моќта да им ја вратам на граѓаните. Мислам дека уживам углед и доверба кај граѓаните и од нив ми треба само нивната доверба, а јас им ги нудам моите професионалност и одговорност. Во нашиот тим има професионалци кои знаат и можат да понудат одлични решенија“, рече Ивановска, која повеќе од десет години е граѓанска активистка.

    Не сакајќи да зборува за конкретни проекти, Ивановска кажа дека нивната цел е да постават нови, здрави основи во општината, со вредности кои ќе бидат од корист на граѓаните.

    „Во општината е направена огромна штета досега и таа тешко може да се поправи, но можеби некако може да се ублажи. Нема да дозволувам детални урбанистички планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план. Сведоци сме како се градат објектите кај ‘Холидеј ин‘, а деталниот урбанистички план е незаконски. Она што мене ми е приоритет е дозволите и плановите за градење да бидат усогласени со стандардите. Ќе се борам стандардот 3-33-300 да се воведе и во нашата општина. Тоа значи секој од прозор да гледа три дрвја, на секој жител да има барем 30 квадрати зеленило и секој да живее на 300 метри од парк. Ние сме далеку од тоа, но барем некако да се приближиме“, кажа Ивановска.

    Од „Независни заедно“ кажаа дека се отворени за сите независни групи кои имаат желба да настапат на следните локални избори и најавија дека ќе имаат и кандидат за градоначалник на Град Скопје.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира