Повеќе од еден месец не работи инструментот кој ги покажува вредностите на ПМ10 честитките во мерното место Велес 2. И тоа откако при крајот на јуни и во почетокот на јули почна да покажува високо надминати среднодневни вредности, што за лето е невообичаена појава.
За разлика од ова, параметрите кои ги покажуваат вредностите за чад и за сулфурдвеоксид работат. Така од 12 јули, велешани на знаат каков воздух дишат.
„Во јули, од 11 дена, во четири имаше вредности над 50 микрограми на кубен метар, што е гранична вредност. На 11-ти беа измерени 66,6, на 4-ти и на 7-ми околу 60, што е невообичаено високо за лето“, велат велешките екологисти.
Од Министерството за животна средина објаснија дека овие измерени вредности и за нив биле сомнителни, па затоа мерниот инструмент е во фаза на тестирање и не ги покажува вредностите за ПМ 10 честичките.
„Од почетокот на јули, инструментот за РМ10 во мерното место Велес 2 покажа невообичаено високи часовни вредности, кои достигнуваа и до 200 микрограми на метар кубен. Истите се изземени по направена валидација на податоците, со вкрстена споредба со останатите параметри кои се мерат во Велес 2 (NO2, SO2 и CO), кај кои не се забележани такви осцилации. Поради тоа, мерниот инструмент за PM10 во Велес 2, по извршена првична дијагностика, се сервисираше и калибрираше и од 11 јули е во фаза на тестирање, со цел да се утврди неговата исправност. Во јули се забележани благи надминувања на среднодневната гранична вредност, но невообичаени високи часовни вредности, кои достигнуваа и до 200 микрограми на метар кубен, се јавуваат како самостојни пикови. Тие се неверодостојни и се резултат на староста на анализаторот и истите се изземаат“, стои во писмената информација од Министерството за животна средина.
П. ПЕЧКОВ