Безмалку стотина ракети биле искористени врз градоносните облаци во Пелагонија, Битолско, Демирхисарско и Кичевско вчера попладне во периодот од три и пол часа, а сепак не успеале целосно да ги уништат облаците со град кои предизвикаа силно невреме и штети врз земјоделските култури во овој дел од земјава. Градот што падна вчера во Битолско имаше големина на орев.
Лани во текот на цела година се дејствувало со 1.083 палки, а само во јуни годинава употребени се 1.254 ракети што укажува на нестабилното време со врнежи од дожд и град, велат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според УХМР, вчера се дејствувало со вкупно 99 ракети. УХМР преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште во соработка со Аероклуб Скопје дејствувале со 49 палки врз градоносните облаци кои имаа екстремно високи параметри. Тоа за споредба значи дека обично јадрото на градоносните облаци се наоѓа на висина од 3 до 6 километри, а на овие облаци јадрото беше помеѓу 8 и 12 километри висина и според тоа, имаше услови за појава на крупни зрна град.
„Со дејство врз вакви повеќекелиски градоносни облаци со екстремно високи параметри невозможно е да се спречи појавата на град, само може да се намали интензитетот и да не се дозволи да се прошири на поширок регион“, соопштија од УХМР.
Во Кичевскиот Регион било дејствувано врз градоносни облаци со 16 ракети, а се извршило и авионско засејување на градоносни облаци во Битолско-Демирхисарскиот Регион со 34 палки.
Досега нема официјални податоци од подрачните канцеларии на Министерството за земјоделство колкави штети претрпеле земјоделците, но повеќето од нив се жалат дека градот им ги оштетил градинарските култури, а направил зијан и кај житните.
Ж. ЗДРАВКОВСКА