МЕСТО ЛАЈНА ТРЕБА ДА СЕ КОРИСТИ ЗБОРОТ ФЕКАЛИИ, РАСПРАВА ВО СОВЕТОТ НА БИТОЛА ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИКОТ ВО КОМУНАЛЕН ПРОБЛЕМ

    МЕСТО ЛАЈНА ТРЕБА ДА СЕ КОРИСТИ ЗБОРОТ ФЕКАЛИИ, РАСПРАВА ВО СОВЕТОТ НА БИТОЛА ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИКОТ ВО КОМУНАЛЕН ПРОБЛЕМОд СДСМ реагираа дека советникот на Поинаку ги навредувал другите советници оти им рекол дека ќе се испокаат за проблемот на улицата Васко Карангелевски - Од седницата на Советот (Фото: СДК.МК)

    Зборот ,,лајна” употребен од советничката говорница во битолскиот Совет предизвика расправа меѓу дел од советниците за неговата употреба.

    Советникот од граѓанската иницијатива Поинаку, Иван Чулакоски, на седницата на Совет зборувајќи од говорница го употреби терминот ,,лајна” укажувајќи на комунален проблем на улицата ,Васко Карангелевски во Битола и побара реакција додека како што рече ,,не се испокакаме сите”.

    „На улицата Васко Карангелевски, проблемот не потекнува откако вие дојдовте за директор, туку е останат од претходно, но огромен е проблемот за 21 век во Битола. Ќе бидам малку вулгарен, извираат лајна, ќе извините сите, мислам дека е срамота за еден град како Битола да имаме фекалии по улиците и да смрди. Знам дека се обидовте да го исчистите, но таму проблемот е сигурно поголем. Така што, мислам дека посовреме треба да се реагира дури не се искакаме сите“, рече Чулакоски од советничката говорница.

    На ова му реплицираше Методоја Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ, кој рече дека со ваквиот речник се навредуваат и советниците и граѓаните.

    ,,Користите зборови способни, неспособни и какви уште не. Од душа не ми доаѓа да го искористам зборот што го кажа колегата за фекалиите. Не знам кој да го искористам за оној што го употребивте. Срамота е тоа што го правите секоја седница”, рече Илиевски.

    ,,Ако помеко и покултурно ви звучи ќе речам – фекалии”, возврати Чулакоски, додавајќи ,,реков и ќе повторам уште еднаш лајна оти е срам во 21 век низ улица да течат фекалии”.

    Претседателот на Советот Валентин Груевски реагираше дека дел од говорите се со навреди и омаловажувања, па апелираше дека советниците треба да се почитуваат едни со други,, но дека тоа е индивидуална работа и дека секој носи одговорност за својот говор.

    Освен за употребата на македонскиот јазик и кирилично писмо, за советничкиот речник не е ништо спомнато, ни регулирано во статутот и деловникот за работа на Советот. Во деловникот во член 71 пишува дека доколку советникот употребува изрази со кои го нарушува достоинството на Советот, ќе биде опоменет од претседаретелот, а ако продолжи можен е и краток прекин на седницата. Воедно пишува дека сите советници се должни да ги почитуваат одредбите за редот на седниците.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира