Често ѝ велеле дека местото на жената е во канцеларија, а не на терен и дека на раководна функција поуспешни се мажите, но дискриминаторскиот поглед на дел од средината кон жените во инженерството не ја поколебале Семијал Зибери да дипломира на Градежниот факултет во Скопје, а потоа да докторира во Институт за земјотресно инженерство и инженерска сизмологија (ИЗИИС). Како градежна инженерка и докторка по технички науки работела на бројни градежни проекти, па и во проектната единица на Коридорите 8 и 10, а извесен период била и универзитетска професорка.
„Додека како инженерка бев вклучена во инфраструктурниот проект за Коридорите 8 и 10, имав искуство дел од колегите да ми речат ‘теренот е многу тежок, дали си сигурна дека сакаш да дојдеш да видиш каква е таму ситуацијата?’ Имавме и други вклучени жени во работата, но мажите секогаш сакаа да одат сами зашто ‘теренот бил тежок’. Но, апсолутно не ме поколебаа да се откажам од работата“, вели Зибери.
Денес, таа е раководителка на Одделението за развој и инвестиции во Македонскиот електропреносен систем оператор А. Д. МЕПСО.

Работев и на проектирање и конструкција, па сум решавала доста тешки проекти. Од машкиот пол поуспешна ме правеле прецизноста во работата и точноста на време да го предадам проектот, вели Зибери. (Фото: СДК.МК)
„Пред моето назначување за раководителка на секторот, некои ми велеа дека тоа е многу чувствителна и тешка позиција за жена. Велеа дека е обемна и не знаеле дали жена може да се справи со предизвиците. Сметаа дека за мажите е полесно да се носат со инвестиции, проекти, дека тие поуспешно би работеле со парите, што секако не е точно. Секој ден напорно работам за да докажам дека тоа не е така“, вели Зибери.
Во МЕПСО има 45 инженерки, од кои 26 се на раководни позиции. Според Заводот за стастистика, во Македонија во градежништвото има 7 проценти вработени жени, а во енергетиката над 13 проценти. Иако, бројот на мажи е доминантен, има доста успешни инженерки и раководителки кои ги рушат стереотипите.
„Работев и на проектирање и конструкција, па сум решавала доста тешки проекти. Од машкиот пол поуспешна ме правеле прецизноста во работата и точноста на време да го предадам проектот. Сум имала случаи на конструкции во бетонски индустриски хали со голема оддалеченост меѓу столбовите, тоа многу малку инженери би можеле да го направат, а јас веќе имам неколку такви смели и успешни конструкции“, вели Зибери.
Таа смета дека за да се зголеми бројот на девојки кои студираат на инженерските професии, а работат како инженерки и раководителки, во државата недостига јавност на успешни женски модели за иднетификација. Наскоро во МЕПСО започнува со работа тренинг-центар во кој ќе бидат вклучени што повеќе жени во енергетиката.
„Обуката е наменета за транзиција на работната сила. Од јаглен преминуваме на обновливи извори. Работната сила треба да се обучи за тоа, а значајно е тоа што ќе бидат вклучени и жени од РЕК ‘Битола“ и сите компнаии од енергетскиот сектор“, вели Зибери.
На младите им препорачува да изберат да студираат инженерски науки зашто се перспективни и даваат гаранција за економска самостојност на жената.
„Во секој случај, моментот на определување на идната професија е многу важен, дури некогаш и поважен од изборот на идниот партнер, бидејќи инвестицијата во себе те прави независна и можеш многу полесно да ги надминуваш предизвиците во животот. Важно е да се биде посветена на тоа што го сакате, упорна, често и отпорна“, додава Зибери.
Разговорот „Жените во енергетиката: од визија до акција“ беше направен во рамки на проектот на Преда Плус Фондација „Преглед од засегнатите страни за родовата еднаквост за АКТ инвестицискиот план“ (Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan), дел од програмата ВОЛКОТ (WOLCOT), реализиран со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за климатски инвестиции (CIF).
Ж. ЗДРАВКОВСКА