МИНИСТЕРОТ АЛИУ ИМ ВЕТИ ВРАБОТУВАЊЕ НА ХОНОРАРНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ВО ТЕТОВО ОТКАКО ЌЕ ГО ПОЛОЖАТ АДМИНИСТРАТИВНИОТ ТЕСТ

    МИНИСТЕРОТ АЛИУ ИМ ВЕТИ ВРАБОТУВАЊЕ НА ХОНОРАРНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ВО ТЕТОВО ОТКАКО ЌЕ ГО ПОЛОЖАТ АДМИНИСТРАТИВНИОТ ТЕСТ„Административните процедури ги завршивме, сега е само крајниот чекор за полагање на тој административен тест за да може да се потпишат и договорите помеѓу директорот и вработените“, кажа Алиу. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Азир Алиу им вети брзо вработување на неопределено време, а потоа со медицинските сестри кои со години работат со договор за дело си направија заедничка фотографија пред тетовската Клиничка болница. Ветувањето беше дека сите 155 медицински сестри и технички персонал од Клиничката болница дека ќе добијат решение за вработување на неопределено време, но откако ќе положат административен тест.

    „Некои од овие 155 лица работат скоро 10 години, некои помаку, некои од нив работеа од месец, месец и пол, или година, година и пол без плата само да бидат дел од институцијата. Денеска, после месец и пол како сум на оваа функција, задоволни сме дека тие веќе се дел од нашата здравствена институција во Тетово. Административните процедури ги завршивме, сега е само крајниот чекор за полагање на тој административен тест за да може да се потпишат и договорите помеѓу директорот и вработените“, кажа Алиу.

    Според министерот Алиу, медицинските сестри треба да полагаат административен тест, додека докторите треба да полагаат испит којшто е креиран од Министерството за здравство.

    Групата медицински сестри, техничари, болничари, администрација како и лекари, на крајот на мај и на почетокот на јуни одржаа неколку јавни протести за да алармираат за потребата да бидат трајно вработени во установата.

    Вработените за медиумите посочија дека прашањето за нивниот работен статус за првпат се зема сериозно и се третира со одговорност.

    „Овој значаен институционален чекор претставува не само вистинско признание за нашиот труд и заложба, туку и нов почеток кон обезбедување стабилност и работнички права, преку премин од договори за дело во договори на неопределено време“, рече Ивона Неделкоска во име на хонорарците, воедно искажувајќи благодарност до актуелниот министер за здравство, директорот на клиничката болница Тетово и медиумите.

     З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира