МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДЕМИРИ НЕ ГЛЕДА НИШТО СПОРНО ШТО ЌЕ ВРАБОТИ ЛИЦА БЕЗ СООДВЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ НА ТОКСИКОЛОГИЈА

    МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДЕМИРИ НЕ ГЛЕДА НИШТО СПОРНО ШТО ЌЕ ВРАБОТИ ЛИЦА БЕЗ СООДВЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ НА ТОКСИКОЛОГИЈА„Ако некој има договор и е дел од здравствениот систем една година, кој сум јас да го му прекратам договорот“, вели министерот. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Илир Демири вели дека скандалите кои во последниов период се случуваат на Клиниката за токсикологија се политички инструирани и дека досега тој не можел да зборува за тоа, бидејќи во тек била предизборната кампања. Тој најави дека сите 18 медицински работници кои досега работеле со договор за дело ќе добијат приоритет при вработувањето, а конкурсот ќе биде објавен наскоро.

    Демири на 14 мај го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, откако тој одби да потпише вработувања на 18 лица среде изборен период. Повеќето од тие лица оделе на работа иако им биле истечени договорите. Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 2 мај соопшти ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката.

    „Ако некој има договор и е дел од здравствениот систем една година, кој сум јас да го му прекратам договорот. Ние имаме 1.390 здравствени работници со договор за дело и што би се случило кога би се прекинале таквите договори“, вели Демири.

    За Демири не е ништо спорно тоа што некои од овие лица не биле адекватни за работата што ја вршеле, како што минатиот месец предупредија вработени од Клиниката.

    „Ова прашање сте требале да го поставите 2023, кога овие лица биле примени на работа. Јас ќе се ангажирам овие лица кои се со договор за дело, да бидат приоритет при вработување на конкурсот кој ќе се отвори наскоро после изборите“, им одговори денеска Демири на новинарите, по посетата на Клиничката болница во Тетово на промоцијата на муралот кој е насликан на зградата од Хируршкото и Гинеколошкото одделение.

    Во целата оваа состојба што се случува Демири гледа политички притисоци врз него.

    „Договорите не можеа да се продолжат кога има врзан потпис. Јас пред изборите го замолив директорот Петровски кој беше на разговор кај мене, да постапува според законските обврски. Директорот тоа одби да го направи. Кој го именувал тој директор и зошто му текнало после 15 месеци дека овие лица не се адекватни и зошто се чекало толку време за да ги пријават? Сето ова апсолутно е политички инструирано“, рече министерот за здравство.

    Демири уште на 22 април најави дека ќе го разреши д-р Петровски. Претходно, со писмо и со прес-конфереција, вработени од Клиниката како и доктори со долгодишно искуство реагираа дека економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира