МЛАДИ АЛПИНИСТИ ВО ДРУШТВО НА ЗМИИ ГИ КРШАТ КАРПИТЕ ОД ЦУЦКА И ГО САНИРААТ ОДРОНОТ КАЈ ВЕЛЕС

    МЛАДИ АЛПИНИСТИ ВО ДРУШТВО НА ЗМИИ ГИ КРШАТ КАРПИТЕ ОД ЦУЦКА И ГО САНИРААТ ОДРОНОТ КАЈ ВЕЛЕСАлпинистите од Неготино, Кочани, Скопје и Демир Капија работат со пајсер и чекан (Фото: СДК.МК)

    Еден месец, четири момчиња секојдневно се искачуваат на карпата Цуцка на излезот од Велес и ги рушат камењата и поголемите карпи. Врзани со јажиња како за алпинистичка експедиција, тие ја реализираат втората фаза од санацијата на одронот кој се случи 13 март 2018. Изведувачите на оваа специфична работа доаѓаат од Неготино, Кочани, Скопје и Демир Капија и се дел од хрватската фирма „Октопуси“, која е подизведувач.

    „Наша обврска е да ги кршиме камењата што можат рачно да се отстранат од оваа карпа. Отстрануваме нестабилни делови од карпите. Работиме со пајсер, чекан, секаков алат“, вели Игор Сакалиев.

    На моменти работат на висина од 80 метри (Фото: СДК.МК)

    Тие работат обезбедени со појас и јаже. Зад себе имаат искуство од три години работа, нешто во Македонија, нешто во Хрватска. На прашањето дали чувствуваат страв кога од карпата, која проценуваат дека е висока 80 метри, ќе погледнат удолу, низ смеа категорично велат „Не“. Додаваат дека низ карпите и каменот друштво им прават змиите.

    За да се заштити асфалтот од камењата кои паѓаат од карпата, делницата од стотина метри е послана со земја. Ова е втора фаза од санацијата на одронот, а работите ги доби „Стентон градба“.

    „Се работи на кавење, отстранување на каменот и карпи што можат рачно да се елиминираат. Потоа ќе следи третата фаза, а тоа е поставување мрежи и торкетирање, па поставување на габиони за трајно стабилизирање на карпата. Во првата фаза се изгради потпорниот ѕид меѓу пругата и коловозот“, изјави Блажо Петров, градежен инженер во „Стентон градба“.

    Од 8 до 16 часот додека се изведуваат работите, по потреба се исклучува струјата на железничката пруга и во тој период не се одвива железничкиот сообраќај на делницата Велес-Гевгелија-Солун. Инвеститор на работите е ЈП за државни патишта, кое најави дека вкупните предвидени зафати треба да чинат 62,4 милиони денари, а рок на изведба е до средина на октомври.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира