МЛАДИТЕ ВО РАДОВИШ НЕМА ДА ПЛАЌААТ КОМУНАЛИИ ЗА ИЗГРАДБА ИЛИ ДОГРАДБА НА СВОЈ ДОМ ДО 120 КВАДРАТНИ МЕТРИ

    МЛАДИТЕ ВО РАДОВИШ НЕМА ДА ПЛАЌААТ КОМУНАЛИИ ЗА ИЗГРАДБА ИЛИ ДОГРАДБА НА СВОЈ ДОМ ДО 120 КВАДРАТНИ МЕТРИПраво ќе имаат младите до 35 години кои немаат имот, односно објект за домување на свое име, а услов е во наредните десет години да не вршат отуѓување, односно продажба на домот. (Фото: СДК.МК)

    Општина Радовиш ќе ги ослободува младите од плаќање комуналии за изградба и доградба на сопствен објект за домување, одлучи донесе Советот за да се задржат младите брачни парови во општината, но и да се поттикне локалната економија. Право ќе имаат младите до 35 години кои немаат имот, односно објект за домување на свое име, а услов е во наредните десет години да не вршат отуѓување, односно продажба на домот.

    Градоначалникот на Радовиш, Љупче Почивалец, вели дека максималниот износ од кој може да се ослободат младите од плаќање комуналии е 3.600 евра.

    „Со донесената одлука се ограничува големината на објектот што се планира да се гради или за кој ќе има ослободување од плаќање комуналии. Максималната површина е до 120 метри квадратни, кои сметаме дека се доволни за едно просечно четиричлено семејство. Со оглед дека надоместокот за комуналии во Радовиш изнесува околу 30 евра за метар квадратен, тоа значи дека младите ќе бидат ослободени најмногу од 3.600 евра на име комуналии“, вели градоначалникот Почивалец.

    Според него, донесената одлука се очекува да ја раздвижи и локалната економија, пред сè градежништвото, но и сите стопански гранки кои се неопходни за изградба на готов дом. Почивалец смета дека ќе се поттикне и трговијата со столарија, а работа ќе добијат и фирмите чиј фокус е изведба на водовод и канализација.

    „Одлуката не е само за оваа календарска година, туку таа ќе биде на сила сè додека јас сум градоначалник. Сметам дека мора да им се помогне на младите. Еве, во првите денови веќе имаме три апликации, што е добро. Ефектите сметам дека ќе ги видиме веќе следната година“, кажа Почивалец.

    Радовиш е првата општина во Југоистокот која ги ослободува младите од плаќање комуналии за изградба или доградба на сопствен дом.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира