МОНОГРАФИЈА ЗА СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ ГО ВРАЌА СЕЌАВАЊЕТО ЗА ПРВАТА ДЕТСКА ОПЕРА ВО МАКЕДОНИЈА ИЗВЕДЕНА ВО ГЕВГЕЛИЈА ПРЕД ЕДЕН ВЕК

    МОНОГРАФИЈА ЗА СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ ГО ВРАЌА СЕЌАВАЊЕТО ЗА ПРВАТА ДЕТСКА ОПЕРА ВО МАКЕДОНИЈА ИЗВЕДЕНА ВО ГЕВГЕЛИЈА ПРЕД ЕДЕН ВЕКМонографијата „Сергеј Михајлов-живот и дело“ од авторот Наташа Диденко од Институтот за национална историја ќе ја промовираат професорката Билјана Ристовска-Јосифовска и академик Драги Ѓоргиев. (Фото: СДК.МК)

    Во Гевгелија утре (19 мај), во организација на Библиотеката „Гоце Делчев“, ќе биде промовирана монографијата „Сергеј Михајлов – живот и дело“ од проф. д-р Наташа Диденко. Овој настан добива особено значење ако се земе предвид дека Гевгелија е прогласена за Град на културата за 2025 година од страна на Министерството за култура.

    Монографијата расветлува значајни моменти од македонската музичка историја, меѓу кои и фактот дека првата опера за деца во Македонија, „Принцезата Ружанка-Ружа“, била изведена токму во Гевгелија во 1924 година. Автор на либретото и музиката, како и режисер на оваа пионерска изведба, бил основоположникот на македонската музичка култура, Сергеј Михајлов. Ова се случило една година пред изведбата на првата опера за возрасни во Македонија, „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало, која Михајлов ја поставил во Штип во 1925 година.

    Проф. д-р Наташа Диденко, виш научен соработник во Институтот за национална историја во Скопје, чија истражувачка работа е фокусирана на историјата на културата и музикологијата, во својата монографија ги документира овие и многу други историски факти. Промотори на делото ќе бидат проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и академик Драги Ѓоргиев.

    „Според моите истражувања, утврдив дека македонскиот педагог и композитор, Сергеј Михајлов, потекнува од Харков, но во првата половина од дваесеттиот век како имигрант преку Цариград доаѓа во Солун, од каде се преселил во Гевгелија. Како вработен во гевгелиското училиште, неговата творечка, педагошка и музичка дејност дошла до израз кога го напишал либретото и ја компонирал музиката за првата опера за деца „Принцезата Ружанка-Ружа“, која во четири чина во 1924 година била премиерно изведена во Гевгелија. Оваа детска опера била прикажувана и во соседните градови“, вели Диденко.

    Авторката појаснува дека следната година, на барање на Министерството за образование, Михајлов се преселил во Штип. Само по неколку месеци работа во Гимназијата во овој град, тој започнал со подготовките за првата опера за возрасни во Македонија, „Палјачи“, која премиерно била изведена во Штип точно пред 100 години, на 29 август 1925 година.

    Делото на Сергеј Михајлов и неговиот придонес во развојот на музичката култура во Македонија траеле сѐ до неговата смрт во Штип во 1975 година, на 90-годишна возраст. Според Диденко, со своите забележителни резултати и посветеноста кон својата професија, Сергеј Михајлов оставил траен белег во Гевгелија и другите градови во Македонија каде престојувал, особено во Штип, каде најдолго се задржал.

    „Сергеј ни го докажа она што го има истакнато филозофот Платон, а тоа е дека музиката му дава душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагинацијата и шарм на животот“, заклучува авторката на монографијата, Наташа Диденко.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира