МОРАВМЕ ДА УРНЕМЕ ЅИД ВО КУЌА ВО СКОПСКО ЗА ДА ИЗВАДИМЕ ЗМИЈА, ВЕЛИ ВЛАДИМИР ДИМКОВСКИ, ЧИЈА ФИРМА Е ЕДИНСТВЕНА СО СЕРТИФИКАТ ДА ЗАЛОВУВА ВЛЕКАЧИ

    МОРАВМЕ ДА УРНЕМЕ ЅИД ВО КУЌА ВО СКОПСКО ЗА ДА ИЗВАДИМЕ ЗМИЈА, ВЕЛИ ВЛАДИМИР ДИМКОВСКИ, ЧИЈА ФИРМА Е ЕДИНСТВЕНА СО СЕРТИФИКАТ ДА ЗАЛОВУВА ВЛЕКАЧИ„Со стапот змијата треба да се притисне поблиску до главата, потоа со рака ја фаќам за опашката и ја ставаме во најлонска кеса“, вели Димковски. (Фото: Приватна архива/СДК.МК)

    Смок долг околу половина метар бил пронајден во автомобил во кумановска автолакерска работилница. Колата била донесена на поправка од велешко село, а змијата ја пронашол работникот кога го отворил багажникот.

    „Се работеше за млад планински смок, не беше голем, педесетина сантиметри. Го пронашол чиракот и се исплашил. Го извадив без проблем. Се јавивме на газдата на колата, се изненади кога му кажавме дека ни донел змија, не знаеше како влегла“, ни рече Владимир Димковски, сопственик на кумановската фирма „Плант медика“, која единствена во земјата дава професионално услуга за заловување влекачи.

    Тој и неговите колеги од почетокот на пролетта имале две интервенции, една во автомобилот и друга во влез на зграда во Куманово, но вели дека во просек интервенираат во десетина случаи во сезона. Оваа година има наплив на змии повеќе од вообичаено поради топлото време и бујната вегетација, на што предупреди и Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Смок долг околу половина метар бил пронајден во автомобил на сопственик од Велешко, а донесен во кумановска автолакерска работилница. (Фото: Приватна архива)

    Димковски вели дека низ годините вадел змии од речиси сите делови на земјата и на различни места: во дворови, куќи, подруми, гаражи, шахти, машини за перење, автомобили.

    „Во еден случај моравме да урнеме ѕид од гипс картон во куќа во скопското село Стајковци затоа што змијата влегла во дневна соба, а потоа се завлекла во шуплината. Во друг случај, смок од 2,5 метри, кој најверојатно паднал од дрво на кровот на колата, влегол внатре кога сопственикот отворил врата. Се завлекол кај куплунгот и кочницата и никако не можевме да го извадиме. По неколкучасовни обиди, јас си заминав. Газдата кажуваше дека три дена ја возел змијата во колата бидејќи не можел да ја извади. На крајот побарал помош од човек во Неготинско кој ги вади змиите со свирење и успеале да ја извадат. Најдовме змија и во машина за перење во кумановска црква. Во едно скопско село на крајот на јануари извадивме четири змии од шахта кај водомерот, тука се сокриле да презимат“, вели Димковски.

    Тој тврди дека најтешко се наоѓаат влекачите кои ќе се сокријат во моторите на возилата. Тие интервенции бараат многу време и неизвесно е дали воопшто ќе ги најдат.

    Димковски вели дека низ годините вадел змии од речиси сите делови на земјата и на различни места. (Фото: СДК.МК)

    Димковски по професија е дипломиран агроном, магистрант по ентомологија, а со заловување влечуги се занимава над 25 години. Работата ја научил и се стекнал со сертификат во базите на американската фирма „Браун и Рут“ прво на Петровец, а потоа во Џибути во Африка, а кога се вратил во Македонија продолжил со сопствената фирма.

    Кај нас не постои институција која врши обука за заловување змии, но тој има одобрение од Ветеринарниот факултет во Скопје. За неговата работа нема некоја специјална опрема, освен соодветни стапови-фаталки, гумени чизми и ракавици кои змијата не може да ги пробие со забите, но треба многу внимателност, трпение и храброст.

    „Нема некоја посебна техника при заловувањето. Со стапот змијата треба да се притисне поблиску до главата. Потоа со рака ја фаќам за опашката и ја ставаме во најлонска кеса. Кога змијата е пократка, полесно оди, имаш контрола. Кога е подолга и ако е напечена, таа е силна, се витка, лизга и се брани затоа што е нападната и потешко е да се совлада. Секогаш одиме двајца кога заловуваме. Треба да се направи добра проценка за да не се најдете во безизлезна ситуација ако работите тргнат наопаку. Да имате простор да се тргнете. Неколкупати сум се нашол во таква ситуација, но ништо страшно. Откако ќе ја заловиме змијата, ја пуштаме во природа, не ги убиваме“, вели Димковски.

    Во местата со пониска надморска височина змиите не се отровни, тоа се главно смокови и водни змии, додека во планините се поопасни и отровни. (Фото: Приватна архива)

    Неговата фирма е единствена во државата која дава професионална услуга, а постојат уште неколку луѓе кои приватно се заниваамаат со оваа работа, но вели дека неговиот број го има Центарот за управување со кризи и го даваат на луѓето кои пријавуваат. Но, тука има еден проблем.

    „Луѓето кога ќе ми се јават, мислат дека јас имам обврска да го завршам тоа бесплатно. Кога ќе им кажам дека сме приватна фирма и нашата услуга оди на нивна сметка, некои се бунат. Цените не се високи и се движат во зависност од тоа колку е далеку местото каде што треба да интервенираме и колку време ќе ни одземе. Да ги покриеме трошоците за гориво и за услугата. Не само што одиме дотаму каде што е змијата, туку потоа треба да ја однесеме на периферијата на градот или надвор од населеното место и да ја пуштиме во природа. Ако се работи за Куманово, цената е од 500 до 1.000 денари, колку е подалеку, толку е поскапо. Не се работи за големи пари и затоа општините треба да размислат и во својот буџет да предвидат ставка и за оваа намена, како што е за заловување кучиња и според извршената услуга да се фактурира“, рече Димковски.

    Оваа година има наплив на змии повеќе од вообичаено поради топлото време и бујната вегетација. (Фото: Приватна архива)

    Димковски вели дека појавата на змии во нашето опкружување можеме да ја превенираме со тоа што нема да фрламе ѓубре и шут каде што ќе стигнеме, ако се сечат дрвја, гранките да се однесат подалеку, да не им создаваме услови да се населат во наша близина.

    Според него, змиите кои ќе се најдат во градските средини се донесени од природата. Во местата со пониска надморска височина змиите не се отровни, тоа се главно смоци и водни змии, додека во планините се поопасни и отровни и треба да бидеме повнимателни. Тој советува кога ќе наидеме на змија најдобро е да ѝ се тргнеме од патот, бидејќи и таа се плаши од човекот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира