Мостот на желбите во Охрид стана опасен за минувачите откако ја снема и оградата што штитеше од евентуално паѓање во езерската вода. Се чини дека за него веќе никој не се грижи, иако е најблиска врска од населбата Канео до центарот на Охрид. Од локалната велат дека мостот не е под нивна надлежност.
„Оваа пешачка патека е изградена без основен проект, а нема ни мислења од експерти за оправданоста и безбедноста на мостот на желбите”, ни изјавија кусо од локалната власт.
Од Капетанијата во Охрид велат дека тоа не е пристаниште и не е под нивна ингеренција.
„Од аспект на безбедноста на пловидбата, можам да кажам дека мостот на желбите не претставува опасност. Тоа е битно за нас. За сигурноста на пешаците други се надлежни”, ни изјави капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа Горан Устијаноски.
Мостот на желбите беше донација на бизнисменот Велија Рамкоски и имаше за цел по копнен пат да го поврзе Канео со централниот дел на Охрид. Досега при невреме неколку пати беше оштетен, но беше поправан со средства што главно ги даваа угостителите кои имаат објекти кај населбата Канео.
Д. ЧУБРИЌ