Дувалото кај охридски Косел, остаток од некогашен вулкан, ќе стане училница по геологија на отворено. Проектот, кој се спроведува од страна на Здружението за одржлив развој „Синиот проект“ од Охрид, е дел од Програмата за подобрување со управувањето на заштитените подрачја, финансирана од Европската унија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Во тек е имплементација на проектот ’Дувалo: од предизвик до решение – Промоција и заштита за одржлива заедница‘. Основна цел на проектот е да се подигне степенот на заштита и промоција на природната рекост ’Дувало‘ преку вклучување на локалната заедница. ’Дувало‘ претставува активна поствулканска појава која се наоѓа во непосредна близина на селото Косел, недалеку од Охрид. Има изглед на минијатурен кратер со пречник од 0,5 метри и длабочина од 30 сантиметри. ’Дувало‘ претставува последен знак на изумирање на некогашна вулканска активност во регионот. Во рамките на овој проект ќе се преземат конкретни активности за заштита и промоција на феноменот со цел истиот во иднина да стане атрактивна туристичка дестинација“, велат од Здружението „Синиот проект“.
Со проектот, овој природен феномен се очекува да стане отворена училница по геологија.