МУРАЛОТ „БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА“, ПОСЛЕДНОТО МОНУМЕНТАЛНО ДЕЛО НА БОРКО ЛАЗЕСКИ ОД 1991, ИМА 90 ЛИКОВИ И АВТОПОРТРЕТ

    МУРАЛОТ „БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА“, ПОСЛЕДНОТО МОНУМЕНТАЛНО ДЕЛО НА БОРКО ЛАЗЕСКИ ОД 1991, ИМА 90 ЛИКОВИ И АВТОПОРТРЕТНа муралот е прикажан боемскиот живот покрај реката Драгор, како и клавирски концерт што сведочи за богатата музичка култура на градот. (Фото: СДК.МК)

    „Битола бабам Битола“ е последното монументално дело на Лазески и своевидно заокружување на неговата кариера, во која создал повеќе од 1.100 квадратни метри фрески, витражи и мозаици. (Фото: СДК.МК)

    Сликарот Борко Лазески (1917–1993), автор на витражите во Македониумот во Крушево, во 1991 на свои 74 години го насликал муралот „Битола бабам Битола“ во Поштата во Битола. На ѕид со димензии три на седум метри, тој го овековечил животот во градот од крајот на 19. и почетокот на 20. век, прикажувајќи 90 ликови меѓу кои има политичари, дипломати, уметници и граѓани. Муралот крие и еден помалку познат детаљ – автопортрет на Лазески, со кој тој му оддал почит на својот братучед, сликарот Владимир Јорданов кој го инспирирал да стане уметник.

    На 22 октомври, на роденденот на Лазески и по повод 35 години од создавањето на муралот, во битолската Пошта се одржа изложба посветена на неговото последно монументално дело. Настанот го организираше Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, а посетителите имаа можност да му пристапат на муралот и од зад шалтерите. Беа изложени и оригинални скици и записи на авторот, создадени во текот на работата, а беше промовирано и едукативно видео за делото.

    На 22 октомври, на роденденот на Лазески и по повод 35 години од создавањето на муралот, во битолската Пошта се одржа изложба посветена на неговото последно монументално дело. (Фото: СДК.МК)

    „Борко беше најсреќен кога беше пред ѕидот или качен на некое скеле. Оваа фреска, бидејќи е последна, од 1991 година, кога беше осамостојувањето, и бидејќи е со сосема друга тематика од она што претходно го работел, некако останала настрана, како сираче, малку ја имаа отфрлено. Кога ИКОМОС се заинтересира за неа, јас почнав да истражувам и утврдив дека има многу видеоматеријал од кој може да се сними и филм“, вели Росица Лазеска, ќерка на сликарот.

    „Битола бабам Битола“ е последното монументално дело на Лазески и своевидно заокружување на неговата кариера, во која создал повеќе од 1.100 квадратни метри фрески, витражи и мозаици. За разлика од неговите претходни дела, муралот во Битола не е замислен како авторска визија, туку како реалистичен приказ на градот во периодот кога бил значаен трговски, политички, културен и револуционерен центар.

    За да ги прикаже личностите и настаните, Лазески детално истражувал, вклучително и во битолскиот Архив. Сепак, и покрај уметничката и историската вредност на делото, со децении недостигале систематизирани податоци за неговото создавање, како и за личностите и сцените претставени на ѕидот.

    Токму тоа го поттикнало двегодишното истражување на ИКОМОС. Членовите на тимот разговарале со вработени и пензионери на Поштата и ја проучувале приватната архива на Лазески, во која се зачувани документи, лични белешки, писма, подготвителни скици и студии. Истражувањето овозможило подобар увид во творечкиот процес и во значењето на деталите што дотогаш биле малку познати.

    Кога ИКОМОС се заинтересира за неа, јас почнав да истражувам и утврдив дека има многу видеоматеријал од кој може да се сними и филм“, вели Росица Лазеска, ќерка на сликарот. (Фото: СДК.МК)

    Муралот е документиран и дигитално, со примена на фотограметрија – техника со која од серија фотографии се создава прецизен тридимензионален модел на делото.

    На муралот е прикажан боемскиот живот покрај реката Драгор, како и клавирски концерт што сведочи за богатата музичка култура на градот. На тркалезна маса се собрани личности од политичкиот, дипломатскиот и духовниот живот. Меѓу нив се рускиот конзул Александар Росковски, неговиот пријател, македонскиот преродбеник Крсте Петков-Мисирков, и српскиот писател Бранислав Нушиќ.

    До нив е прикажан граѓанин што чита весник. Во неговиот лик Лазески го претставил Коста Доку, хроничар и колекционер на значајни документи од историјата на Битола. Весникот „Монастир“ и летокот „Класно сознание“, што се наѕираат од неговиот џеб, упатуваат на развиената печатарска дејност во градот во тој период.

    Истражувањето открило и личен детаљ во композицијата – автопортретот на Лазески.

    „Борко поставил и свој автопортрет како ја слика Битола, но на сликата е потпишан друг автор. Од неговите дневници и скици дознавме дека тој со ова сакал да му оддаде чест на неговиот братучед, сликарот Владимир Јорданов, кој му давал инспирација да почне да се занимава со уметност. Тоа е негов чин да му се заблагодари и да го овековечи, а ние битолчани не ни знаевме за него“, рече Марија Петровска од ИКОМОС, раководителка на проектот.

    За изложбата беше подготвен и видеоматеријал, со монтажа на Ѓорге Ивановски и нарација на Борче Николовски. Фото- и видеоматеријалите се на Диоген Хаџи-Коста Милевски и Агим Џело. Пред зградата на Поштата е поставена и двојазична информативна табла посветена на муралот.

    Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам, со поддршка на Општина Битола, Културно-информативниот центар и Поштата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира