Крушево е град на музеите. Од вкупно шест музеи коишто говорат за културно-историското минато на градот и државата, само три се постојано во функција: споменикот „Илинден“ познат како Македониум, музејот „Никола Мартиновски“ и Музејот на Илинденското востание. Додека Музејот на НОБ, Галеријата на икони и „Леарницата“ се отвораат само по потреба, но исклучиво во среда,четврток и петок, зашто другите денови нема кадри на располагање. Од Историски музеј – Крушево, државна установа надлежна за овие објекти, не го кријат проблемот.
„По Закон за музеи, ако музејот е од прва категорија, а од овие објекти ‘Леарницата’ е од прва категорија треба да имаат по двајца вработени. Меѓутоа, и Музејот на НОБ и Галеријата на икони како музеи од втора категорија, треба да бидат отворени барем со по едно вработено лице. Сепак, кога има најава и интерес за посети, во тие три дена од неделата можеме да ги опслужиме и овие музеи“, вели директорот Зоран Богески.
Тој посочува и на недостигот на средства за реализација на дел од проектите за реконципирање на одредени музејски поставки.
„Во моментов добиваме средства само за вода и струја. Освен за издавачка дејност и инвестиции, други средства за музејска работа, според моја информација не се пристигнати до музеите, и тоа не само во Крушево, туку на републичко ниво. Многу проекти чекаат на потпис, на своја реализација, и постапките се закочени, поради целата политичка состојба во државата“, вели Богески.
Годинава, според најавите, треба да заврши реконструкцијата на фасадата на споменикот „Илинден“, а предвидена е и смена на подот и изградба на капсула за вработените во објектот. Во Музејот на Илинденското востание привршуваат подготовките за поставување на трајната музејска поставка, а во „Леарницата“ во тек е постапка за реконципирање на поставката. За Галеријата на икони, изработен е проект за рекомпонирање на музејската поставка, се подготвува тендерска документација, но средства не се добиени.
Во галеријата „Никола Мартиновски“ е освежена поставката, но Музејот на НОБ, чека подобри времиња. Неговата фасада се распаѓа, во околината има нечистотија и тоа предизвикува реакции кај многу посетители, особено почитувачи на овој период од историското минато на Македонија.
„Во тек е подготовка на тендерска документација за Музејот на НОБ, но со актуелните состојби, иако е добиен проектот немаме добиено средства и за овој проект во овој музеј и за проектот што го опфаќа системот за контрола за влез и излез во Македониумот. Проектот за Музејот на НОБ е изработен од Историски музеј-Крушево и е потпишан минатата година, опфаќа рекомпонирање на музејската поставка, нејзино осовременување и ревитализација на некои делови што треба да се заменат со посовремени стандарди“, вели Богески.
Со цел да се поттикне развојот на музејскиот туризам во Крушево, востановена е соработка со одредени угостителски локали во градот. Но, според Богески, неопходно е доекипирање на Историскиот музеј со кадар што ќе работи на маркетиншка промоција.
„Најпотребен е архитект – конзерватор, којшто би можел многу поефективно да ги реализира проектите и други технички лица, коишто ќе можат да ги опслужуваат објектите, да реализираат изложби, подготвуваат документи, материјали и лица за маркетинг коишто ќе успеат сето тоа што го работат музејските работници, да успеат да го обработуваат и презентираат“, вели Богески.
Но, без оглед во која фаза на реконструкција или заборавеност се крушевските музеи, на туристите им се наплаќаат влезници. Висината на влезниците за деца е 20 денари, за возрасни 30, а за странски туристи 60 денари, со попусти за посета на сите објекти. Минатата година, крушевските музеи ги посетиле над 5.000 туристи. Прашањето е колку би се зголемил бројот на туристи ако музеите функционираат согласно европските стандарди.
Шесте музеи во Крушево се под ингеренции на Историскиот музеј од Крушево. Но, за конзервација и реконструкција на недвижното културно наследство е надлежен прилепскиот Завод и Музеј, затоа што во Историскиот архив, нема вработени архитекти-конзерватори. Историскиот архив сепак може да реализира и вакви зафати, но само доколку конкретните проекти првично се одобрени од „Завод и Музеј“ Прилеп, а потоа од Управата за заштита на културното наследство на Македонија.
За Спомен домот „Тоше Проески“ надлежноста е во рамките на Министерството за култура. Во овој објект изграден во 2011, се сместени околу 350 вредни експонати, музички инструменти, облека, мебел, сѐ што македонската легенда користеше во својата кратка, но плодна работа како музичар, композитор и вокалист.
„Овој е најпосетуван музеј во Македонија. Од отворањето до денеска го посетиле речиси 500.000 туристи од земјава и странство“, вели Елена Мирческа, директорка на спомен куќата.
М. ТАЛЕСКА