МВР НЕ МУ ДОЗВОЛУВА НА ВЕЛЕС ДА ВОВЕДЕ ПЛАТЕНО ПАРКИРАЊЕ НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИ, А СЕКОЈ ПАРКИРА КАЈ СТИГНЕ

    МВР НЕ МУ ДОЗВОЛУВА НА ВЕЛЕС ДА ВОВЕДЕ ПЛАТЕНО ПАРКИРАЊЕ НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИ, А СЕКОЈ ПАРКИРА КАЈ СТИГНЕЛокалната власт преку платено паркирање сака да воведе ред во сообраќајот во Велес (Фото: СДК.МК)

    Процесот на воведување платено паркирање во Велес е заглавен во правните нормативи. Со формирање на ЈП „Велес паркинг“, локалната власт сметаше дека преку платено паркирање ќе се воведе ред во сообраќајот во Велес. Градоначалникот Аце Коцевски се пожали дека неколку месеци процесот тапка во место, бидејќи не можат да добијат согласност за паркирање на главните градски улици.

    „Имаме една контрадикторна ситуација. МВР не ни дава согласност третата лента на улиците Благој Ѓорев, 8 септември и Димитар Влахов да биде паркинг зона, оти се магистрални или регионални. Во пракса, тоа е така, но таму се паркира, а сообраќајната полиција не спречува и не казнува, иако вели дека е забрането паркирање. Целиот процес на паркирање со ова ни е нарушен. Узурпирани се тротоарите, а автобуските постојки се користат за паркирање“, кажа Коцевски.

    Тој посочи дека и Кавадарци имал идентичен проблем. Поплаката можеше да ја слушне министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој кажа дека се бара начин проблемот да се надмине.

    „Актуелните законски решенија не предвидуваат да се даде согласност. Тоа не е само за Велес, туку го има и во други градови. Имав состаноци со министерот за транспорт и врски и со ЈП за државни патишта и заедно изнаоѓаме начини да ги промениме постојните законски решенија и подзаконски акти“, рече Спасовски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира