Улицата Партизанска во Виница при крајот на април остана без дрворедот што се простираше по тротоарот покрај поранешната текстилна фабрика „Трико“ која пред четири години пропадна. Сега на Партизанска, на местото каде со години беше дрворедот од неколку видови дрвја, има празен простор кој се поплочува. Општинските власти не знаат кој ги исекол дрвјата и допрва ќе испитуваат.
Работниците кои изведуваа работи рекоа дека градат паркинг и дека тоа место е на компанија која се подготвува да произведува чоколада. Работниците немаа сознанија кој го исекол дрворедот. Тие, не можеа ништо да кажат ниту за спомен-бистата на народниот херој Кирил Михајловски-Груица (1918-1991) која пред изградбата на бетонскиот зид имаше пристојна местоположба, но сега со подигнувањето на бетонските столбови е како во зандана и доаѓа зад оградата опкружена со бетонски столбови.
Раководителот на Секторот за урбанизам и заштита на животната средина во Виница, Киро Довичински, вели дека Општината не издала никаква дозвола за сечење на дрворедот, ниту пак некој побарал.
Градоначалникот на Виница, Миле Петков рече дека овој простор е на Општината, односно е државно земјиште, а за просторот зад оградениот зид има постапка за привитизирање. За сечењето на дрворедот бил издаден налог комуналниот инспектор и останатите од инспекторатот за животна средина да го испитаат случјот и да преземат мерки според законот.
„Тоа што овој простор од улицата ќе се адаптира и во паркинг за потребите на новата фабрика не значи дека улицата ќе остане без троатоар, туку ќе ги има и двете функции и место за паркирање и простор за тротоар неопходен за минување“, вели Петков.
За спомен-бистата на народниот херој Кирил Михајловски-Груица, виничкиот градоначалник рече дека воопшто не е проблем за неа и тие веќе почнале да размислуваат за дислокација во истиот тој реон од градот.
Жителите од улицата Партизанска спроти фабриката и новиот паркинг со негодување зборуваат за исечениот дрворед.
„Не знаеме како се случи сите дрвца од спротива да бидат исечени. Не знаеме што се прави, но чувме дека новиот објект ќе произвидува чоколади. Среќни сме што од страната каде се наоѓаат нашите куќи по тротоарот стои дрворедот кој многу ни значи за нашата животна средина“, велат жители кои живеат на улицата Партизанска во Виница.
Т. ЈОВАНОВСКИ