НА ИЗВРШИТЕЛ ЌЕ БИДАТ ДАДЕНИ ТЕТОВЦИ КОИ НЕНАВРЕМЕНО ГИ ПЛАЌААТ КОМУНАЛНИТЕ СМЕТКИ

    НА ИЗВРШИТЕЛ ЌЕ БИДАТ ДАДЕНИ ТЕТОВЦИ КОИ НЕНАВРЕМЕНО ГИ ПЛАЌААТ КОМУНАЛНИТЕ СМЕТКИСлабата наплата на комуналните сметки со години на ред е болна точка на тетовските комуналци, а тоа сега го чувствува и фирмата „Саубмахер“. - Контејнери во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Поминаа тринаесет месеци откако подигањето на сметот во Тетово премина во рацете на австриско-словенечката фирма „Саубмахер“, а состојбите во градот сè уште не се на очекуваното ниво.

    Иако се забележуваат одредени подобрувања, дел од граѓаните и понатаму се жалат дека некои контејнери не се празнат редовно, дека им доаѓаат високи сметки, а има проблеми и со ажурирањето на платените сметки.

    Наспроти ова, од „Саубмахер“ пак велат дека тетовци не ги плаќаат на време сметките и дека имало случаи кога нивните шалтерски вработени се напаѓани од лица кои не платиле и по тринаесет сметки по ред.

    Деновиве од фирмата излегоа со соопштение дека граѓаните кои нередовно или воопшто не ги плаќаат сметките за нивните услуги ќе ги дадат пред извршител за да го подмират долгот.

    „Бараме од сите граѓани да покажат поголема одговорност и почит кон своите финансиски обврски и да покажат внимание и важност во одржувањето на мирна и почитувана комуникација со вработените во Саубмахер Тетово. Тие вршат важна работа за градот и не треба да бидат жртви на неодговорни постапки. Доколку не се плаќаат фактурите, Саубмахер Тетово веќе иницираше постапки за присилна наплата“, се вели во соопштенијата кои деновиве беа објавени од оваа фирма.

    Во поддршка на „Саубмахер“ за навремено плаќање на сметките се огласи и градоначалникот Билал Касами кој исто така апелираше до граѓаните да бидат редовни во подмирување на обврските кон оваа фирма.

    „Мојот апел е граѓаните да си ги плаќаат своите обврски. Се работи за обврски кои се основни за градот, а тоа е чистотата на градот. А што се однесува до поплаките во делот на редовното доставување фактури и другите пропратни процедури во делот на присилната наплата, ние им гарантираме на граѓаните дека таа процедура мора да биде по Закон и на крај ќе одлучат судските инстанци. Значи ако некои од документите не се доставени, според законот, граѓаните да бидат мирни дека тоа ќе го добијат на суд“, изјави Касами.

    Слабата наплата на комуналните сметки со години на ред е болна точка на тетовските комуналци, а тоа сега го чувствува и фирмата „Саубмахер“.

    Откако пред 13 месеци таа го презеде управувањето со сметот потпишувајќи договор со Општина Тетово за јавно-приватно партнерство, се промени и начинот на пресметувањето на услугата. Наместо дотогашната метода на наплата по член на семејство, сега се наплатува по вкупна станбена површина на која живее корисникот на услугите, но ниту ова не придонесе за подобрување на наплатата на комуналните услуги.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира