НА ЈАВНИ ПОВРШИНИ СЕ ОСТАВА ОТРОВ И СЕ ТРУЈАТ КУЧИЊА, А ГРАДОТ НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ВЕЛАТ ТЕТОВСКИТЕ АКТИВИСТИ

    НА ЈАВНИ ПОВРШИНИ СЕ ОСТАВА ОТРОВ И СЕ ТРУЈАТ КУЧИЊА, А ГРАДОТ НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ВЕЛАТ ТЕТОВСКИТЕ АКТИВИСТИПроблемот со кучињата скитници во Тетово е долгогодишен и дури од неодамна почна посериозно да се решава (Фото: СДК.МК)

    Во паркот во тетовската населба Ајдучко Маало беше поставен отров од кој беа усмртени неколку бездомни кучиња. Во овој парк секојдневно престојуваат и се играат голем број деца, па овој несовесен чин на засега непознати лица поттикна група активисти од Тетово да ја алармираат јавноста на опасноста од поставување отров на јавни површини. Тие низ градот залепија постери со натписи „Денеска куче, утре дете“, „Стоп за отрови, убијци видени сте“ и „Поставувањето отров е кривично дело“

    Тетовските активисти низ градот залепија плакати со кои предупредуваат на опасноста од оставање отров на јавни места (Фото: СДК.МК)

    „Градот ништо не презема што некој поставува отров на јавни површини. Револтирани од последниот ваков случај кога беа отруени неколку кучиња во Ајдучко Маало, ние побаравме начин барем малку да се подигне свеста кај населението за опасноста од поставување отров на јавни површини кои преку цел ден се преполни со деца. Ако на некој му пречат кучињата, постојат установи каде можат да се жалат, а не на своја рака да изигруваат господ“, велат активистите од групата „Бездомни животни“ од Тетово.

    Оттаму велат дека имаат сознанија кој ги труел кучињата и ќе им ги предочат на надлежните институции доколку обезбедат докази.

    Проблемот со кучињата скитници во Тетово е долгогодишен и дури од неодамна почна посериозно да се решава. Ветеринарната станица „Cats and dogs“ неодамна го доби и третиот тендер од Општина Тетово за третман на кучињата скитници во вредност од еден милион денари. Во наредниот период ќе се продолжи со заловување на кучиња скитници, нивно стерилизирање и прочистување од паразити за да не претставуваат опасност за луѓето.

    „И јас многу се изненадив кога разбрав дека неколку кучиња се отруени во Ајдучко Маало. Поголем дел од тие кучиња поминаа низ нашиот стационар, беа стерилизирани, вакцинирани, прочистени од паразити и маркирани, а потоа, според законските одредби, пуштени на она место каде што биле заловени. Сигурен сум дека тие беа најмирните кучиња во градот. Јас многу пати сум апелирал до граѓаните да не ги трујат кучињата. Не само што тоа не е хумано, туку е и многу опасно бидејќи до отровот многу лесно можат да дојдат и деца, па и возрасни“, вели Рами Селмани од ветеринарната станица „Cats and dogs“ од Тетово.

    Во изминатиов период низ оваа станица се третирани над 200 кучиња скитници.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира