Познатиот музичар на шишиња Зоран Маџиров сакал да настапи на Евровизија и да ја претстави Македонија во поинакво светло. Верувал дека светот сакал поинаква музика која е спој на класичната и современата уметност. Ова беше кажано на комеморативната седница за перкусионистот Маџиров на која присуствуваа голем број пријатели, роднини и негови колеги уметници
„Ми велеше, Калајџиев, напиши текст, а јас музиката и да одиме на Евровизија. Верувам дека со музика на шишиња ке ја освоиме Европа и оваа манифестација ќе ја донесеме во Македонија. Ова беше негова неисполнета желба за која мечтаеше“, кажа текстописецот Ѓорги Калајџиев
Маџиров, според неговото семејство, годишно имал по 130 концерти, а во својата 30-годишна кариера над 4.000 настапи во повеќе метрополи во Европа и Америка. Секогаш имал билет во еден правец оти музиката не познавала граници. Македонија треба да биде горда што имаше таков уметник, кажа пијанистката Даница Стојанова
„Македонија го имаше уметникот Зоран Маџиров кому цел свет му се поклонуваше. Тој ги полнеше концертните сали и според многумина беше основоположник на музиката на шишиња“ кажа Стојанова на комеморативната седница на која дел од присутните од општинските власти побараа по него да се именува некое училиште или пак да биде изградена спомен биста за Маџиров
Зоран Маџиров потекнуваше од уметничко семејство. Пред 17 години почина неговиот брат Игор кој беше актер, а по седумесечна кома по сообракајката кај Радовиш Зоран почина завчера во Скопје.
„Верувам дека син му Љубен ќе ги отсвири неговите неотсвирени ноти, а ќерката Нина неодиграните ролји на чичко и Иго“, кусо одговори Драган Маџиров
Перкусионистот Зоран Маџиров беше погребан на градските гробишта во Струмица, а до неговиот дом беше испратен со аплауз и со музика на Луис Амстронг.
В. ТРАЈКОВ