НА НАПЛАТНАТА РАМПА СТОБИ ПРЕСРETНАТИ 65 КИЛОГРАМИ МАРИХУАНА, ВОЗАЧОТ ПРИТВОРЕН ПО ОБИД ЗА БЕГСТВО

    НА НАПЛАТНАТА РАМПА СТОБИ ПРЕСРETНАТИ 65 КИЛОГРАМИ МАРИХУАНА, ВОЗАЧОТ ПРИТВОРЕН ПО ОБИД ЗА БЕГСТВОЈавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот Ф.Н., кој беше прифатен. (Фото: МВР)

    Скопјанецот Ф.Н. (38 год.), кој пренесувал марихуана со тежина од 65 кг, доби притвор од 30 дена. ОЈО Велес отвори истрага против него и второто лице, кавадарчанецот Ј.М. (55 год.), кој помагал во дистрибуцијата. Двете лица се осомничени за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215, став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор од 3 до 10 години. Осомничените заеднички вршеле недозволен транспорт на околу 65 килограми марихуана, а биле откриени во петокот на наплатната рампа Стоби, во близина на Градско.

    „Првиот осомничен, 38-годишен скопјанец, со автомобил со скопски регистарски ознаки ја пренесувал дрогата спакувана во четири големи црни патни торби. Вториот, 55-годишен жител на Кавадарци, во улога на ‘чистач’, односно претходница со друго возило, имал задача да предупреди за евентуални контроли“, соопштија од ОЈО Велес.

    Акцијата „Заседа“ на автопатот „Пријателство“, во близина на Градско, за спречување на дистрибуцијата на марихуаната била реализирана од службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) при МВР, во содејство со САЕ Тигар.

    „Полициските службеници при ОСОСК и САЕ Тигар на наплатната рампа Стоби забележале сомнително движење на патничко возило ‘сеат алтеа’ со скопски регистарски ознаки. На даден знак да застане со цел да биде легитимиран, возачот со голема брзина се дал во бегство во правец кон Градско. За кратко време полициските службеници го пристигнале, пристапиле кон легитимирање и извршиле преглед на возилото. При прегледот на возилото управувано од Ф.Н., пронајдени и одземени се четири црни торби во кои биле сместени вкупно 65 кеси со растителна материја и два мобилни телефони“, соопштија од МВР.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот Ф.Н., кој беше прифатен.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира