Измислици се дека покрај патот во изградба Штип-Кочани, во близина на селата Жиганци, Уларци и Крупиште, е најдено злато, и тоа речиси еден тон, вели директорот на Мизејот во Штип, Митко Штерјов.
„Богатсво да, ама не во злато, туку во археолошки предмети кои датираат од петтиот век. Според првичните наоди, се работи за базилка од 5. и 6. век, која допрва ќе се истражува“, објасни Штерјов по зачестените шпекулации дека во овој атар било најдено некакво богаство.
Од СВР Штип објаснуваат дека тие досега не добиле никаква пријава или дојава за такво нешто, ниту, пак, дека од нивна страна имало интервенција.
Ова не е прв археолошки наод на новата делница Три Чешми-Кочани. Пред една година, кај селото Долни Балван, беа откриени археолошки предмети од првите векови од новата ера, а последните наоди само укажуваат на фактот дека овде се водел интензивен живот во тој период.
„Во атарот на селото Крупиште, пред десетина години беше пронајден скелет од праисториски човек, кој според испитувањата, потекнува 7.000 години пред нашата ера. Најновите наоди пронајдени неколку километри од Крупиште немаат никаква врска со тие наоди, но укажуваат на стари населби со интересни базилики, кои потекнуваат од првите векови од нашата ера“, вели Штерјов.
ЈП за државни патишта и изведувачот „Сино-хидро“ соработуваат со Музејот и на време биле известени дека покрај патот што се пробива се најдени археолошки остатоци, па тие веднаш ги стопирале работите на оваа делница.
„На нивниот повик веднаш отидовме и се договоривме дека нашите стручни лица за 30-40 дена ќе ги извршат сите потребни археолошки истражувања и ако е потребно, трасата ќе се помести за десетици метри подалеку. Наидовме на разбирање кај инвеститорот и тој ќе ги помогне истражувањата со два милиони денари“, вели директорот на штипскиот Музеј.
Т. ЈОВАНОВСКИ