НА ПРЕСПА Ѝ НЕДОСТИГААТ СТРУЧНИ КАДРИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ВО 2024 САМО 19 РЕСЕНЧАНИ ЗАПИШАЛЕ ФАКУЛТЕТ ПО ПРИРОДНИ НАУКИ

    НА ПРЕСПА Ѝ НЕДОСТИГААТ СТРУЧНИ КАДРИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ВО 2024 САМО 19 РЕСЕНЧАНИ ЗАПИШАЛЕ ФАКУЛТЕТ ПО ПРИРОДНИ НАУКИВложувањето во развој на локален стручен кадар е значајно зашто луѓето кои живеат во Преспа најдобро го познаваат теренот (Фото: СДК.МК)

    Преспа, подрачје со исклучително висока природна вредност, кое ги опфаќа националните паркови Пелистер и Галичица, заштитени области и Преспанското Езеро, нема доволно стручни кадри од областа на биологија, екологија и шумарски и земјоделски науки. Локалните капацитети не се доволни за да се одговори на потребите на терен за заштита на животната средина, велат од Македонското есколошко друштво  (МЕД).

    „Трендовите се загрижувачки на национално ниво, секоја година се забележува намалување на интересот за запишување на овие студии. Тое е уште поизразено во Преспа, каде што населението континуирано старее и се намалува, што директно се одразува и врз бројот на матуранти. Дополнителен предизвик е и одливот на млади кадри, дел од студентите кои ги завршуваат студиите често не се враќаат да живеат и работат во Преспа. Ова создава јаз помеѓу реалните потреби на Регионот и достапниот стручен кадар“, вели Игор Ефтимовски од МЕД.

    За да се надмине локалниот надостиг на кадар од природните науки, МЕД ќе доделува стипендии до 400 евра месечно за матурантите од Преспа кои ќе запишат универзитетски студии од овие области. Според Државниот завод за статистика, 19 ресенчани во 2024 се запишале на факултети по природни науки, математика и статистика. Истата година, 32 студенти од Ресен дипломирале на различни факултети.

    „При спроведување на активности за мониторинг на видови и живеалишта, што е главниот фокус на нашата работа, често се соочуваме со недостиг од локални еколози и биолози. Поради тоа, принудени сме да ангажираме експерти од други делови на државата, што го отежнува континуитетот на теренската работа и ја намалува можноста за долгорочно присуство на стручен кадар во Регионот“, додава Ефтимовски.

    Вложувањето во развој на локален стручен кадар е значајно зашто луѓето кои живеат во Преспа најдобро го познаваат теренот и најдобро ги разбираат специфичните еколошки предизвици и локалната култура.

    Од МЕД сметаат дека недостигот на стручен кадар е резултат на повеќе паралелни трендови. Младите сѐ почесто се насочуваат кон техничките, информатичките, правните и економските науки, кои се перцепираат како поперспективни, а студиите по биологија или екологија како да се со ограничени кариерни можности, најчесто поврзани само со наставата.

    „Во реалноста, овие области отвораат широк спектар на професии – од теренски истражувања и мониторинг на биолошка разновидност, до работа во заштитени подрачја, консалтинг, одржливо земјоделство, еко-туризам и управување со природни ресурси“, нагласуваат од МЕД.

    Стипендиите за матурантите од Преспа што ќе ги доделува МЕД ќе траат до учебната 2028/29. Вкупниот број стипендии ќе се движи од 9 до 12, во зависност од интересот, односно бројот на пријавени кандидати. Стипендистите ќе се избираат врз основа на успехот во средното образование, а клучна улога ќе има нивното учество во менторската програма на МЕД, односно ангажманот во теренски и практични активности, што ќе се реализираат во летниот период.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира