НА РЕВИЈАТА „УБАВИ СМЕ, СВОИ СМЕ“ ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ ЧЕКОРЕА НА МОДНА ПИСТА СО ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ ВО СТРУМИЦА

НА РЕВИЈАТА „УБАВИ СМЕ, СВОИ СМЕ“ ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ ЧЕКОРЕА НА МОДНА ПИСТА СО ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ ВО СТРУМИЦАПејачката Тина Русева беше дел од ревијата, ја изведе нејзината прва песна „Своја“, а на модната писта дефилираше со Антонија од Скопје. (Фото: СДК.МК)

„Секој е убав на свој начин, само треба да подадеме рака“, е пораката од модната ревија на десеттото, јубилејно издание на манифестацијата „Убави сме, свои сме“, која во Струмица ја организираше Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“. Околу 20 деца и млади со попречености од земјава, придружувани од јавни личности, беа дел од модната писта во Центарот за култура „Антон Панов“, носејќи креации од повеќе спонзори.

Сите тие на свој начин покажаа дека различностите треба да се прифаќаат и почитуваат, а гордо чекореа како манекени и манекенки.

Ревијата ја отворија близначките Дамла и Јагмур Нанушеви од Радовиш, придружувани од градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, и неговата сопруга Катерина. (Фото: СДК.МК)

„Лицата со попреченост можат и умеат, само некој треба да им подаде рака и да бидат дел од нашата средина. Секој од нас е лице со попреченост и имаме некаков недостаток, но нас не нѐ етикетираат како овие деца. Затоа апелираме да нема разлики, бидејќи сите сме убави на свој начин и вредиме во ова општество“, кажа Анче Туфекчиева од здружението „Вера“, која се потсети како било пред 19 години, кога ѝ се родила ќерката Верче со Даунов синдром, и како била прифатена во заедницата.

Ревијата ја отворија близначките Дамла и Јагмур Нанушеви од Радовиш, придружувани од градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, и неговата сопруга Катерина. На модната писта лицата со попречености ги придружуваа и пејачките Александра Јанева и Тина Русева, пратеникот Миле Цеков, инфлуенсерката Стојне Карадакоска, лекари, директори, советници, професори и спортисти.

Професорката Катерина Кожаров беше дел од ревијата. (Фото: СДК.МК)

„Оваа манифестација ги слави различностите, ја истакнува убавината на индивидуалноста и испраќа порака дека сите сме дел од заедницата и треба заедно да чекориме. ‘Убави сме, свои сме’ е повик за прифаќање, но и потсетување дека секој треба да биде сакан. Грижата за нив не треба да биде само со зборови, туку и со дела, 365 дена во годината“, кажа градоначалникот Јанков.

Во текот на десетте години од одржувањето на манифестацијата, беа опфатени над 200 деца и млади со попречености од земјава. Модната ревија, освен во Струмица, се организираше и во Валандово и Радовиш.

В. ТРАЈКОВ

Погледнете го и нашиот подкаст „За секого по нешто“:

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира