Во Основниот суд во Струга денеска продолжи судскиот процес за случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар која при породување во Струшката болница остана без три органи. Сослушани беа супервештаците, кои кажаа дека првообвинетиот Мухамед Асани како хирург бил одговорен за царскиот рез и за постоперативната состојба на оштетената, но и покрај влошената здравствена состојба не направил дијагностика и ехо за настанатото крварење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно ѝ биле извадени три здрави органи.
„Несовесноста се гледа во непреземање дијагностички постапки, неследење на состојбата, при што дошло до критична здравствена состојба која можела да има смртен исход ако оштетената не стигнела навреме во скопска Урологија“, сведочеше Верица Попоска, специјалистка по судска медицина.
Веапоска во судницата и денес беше придружена од голем број жители на Дебар кои очекуваат максимална одговорност за докторот гинеколог.
„Како поддржувачи бараме максимална казна и доживотно ако може, доживотно заслужува. Цел живот да не стапне во болница да му се одземе лиценцата“, вели Бајрам Несимоски од Дебар.
Според супервештаците, второобвинетиот, синот на Асани, како специјализант смеел да присуствува на операции, но немал одговорност, а третообвинетата лекарка Лилјана Јованоска воопшто не присуствувала на царскиот рез.
Судијата Јордан Јованов на претходното рочиште поради повеќекратните одлагања определи и нов бранител за да не се дозволи да застари делото поради неодржување рочиштата, а адвокатот на Асани, Игор Петковски, го казни со 1. 000 евра поради бројните одлагања.
Судскиот процес со родилката од Дебар во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство, и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, започна во 2022, а делото застарува во 2026 година.
С. ВРЕНЦОСКА



